Папиќ: Ние сме Балкан на мало, треба да го промовираме нашиот мултикултурен елемент

 

На јавната дебата „Кој се плаши од културите на Другите?“, Алмира Папиќ, наставничка, публицистка и уредничка од бошњачката заедница, говореше за негативните ефекти од културниот мрак во кој живееме и укажа на потребата од промовирање на мултикултурниот елемент што го поседуваме како земја.

Во тој контекст, Папиќ истакна дека културниот мрак во нашето општество допринесува за етничката поларизација во нашата земја, наместо да се отвориме, да се осознаеме и да го промовираме нашиот мултикултурен елемент.

„Ние немаме дебати, или, како што е оваа вечерашна дебата – да направиме една дебата, да размениме мислења, па да се скараме, па да речеме чекајте да видиме што е тоа што не зближува, што е тоа што не разединува. За жал, кај нас културата се сведе – само во својата средина. Место да дојдеме да бидеме ‘open door’ (отворена врата), ние се затвораме. Значи треба и ние како општество и како културни работници да го промовираме тој мултикултурниот елемент што го поседуваме. Замислете, ние сме Балкан на мало…Треба да се промовираме и да се осознаваме самите со себе. Бидејќи не може никој нам да нѝ дојде од страна и да ни ги реши проблемите. Исто како да имаме ние проблем со комшија. Со комшија, кој може да ти го реши проблемот ако не си го решиме самите со себеси“, посочи таа.

Оттука, Папиќ испрати апел до политичките субјекти да внимаваат на својата реторика која поттикнува етничка поларизација во нашето општество, но и критика кон медиумите кои пласираат главно вести од политичарите, додека целосно се занемарува културниот и мултикултурниот сегмент од нашето живеење.

„Еве и еден апел до сите политички субјекти – да внимаваат на нивната реторика како се изразуваат, бидејќи сега, и младите сега добиваат фрустрирачка нота, каде што не сакаат да го запознаат своето другарче. Бидејќи, ние сме растеле заедно. Дури овдека и со векови луѓето живееле, опстојувале, работеле. Сега ние на еден начин ние треба да се изолираме, никој со никого да не зборува, само ако е од мојата етничка заедница…И медиумскиот мрак, којшто постои сепак во нашата држава, е навистина жален…Нам ни пласираат само информативни вести, каде што цело време само политичарите се во првиот сегмент, немаме ништо друго. Колку бројни награди нашите млади или нашите деца добиле надвор од државата, ние тоа никогаш не сме го виделе, нити сме го прочитале…“, укажа Папиќ.

На дебатата во КСЦ Центар Јадро во Скопје, учествуваа и Џабир Доко и Суад Скендери, а модераторка беше Амона Земон. Дебатата е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“, кој го реализираат ЗГ Есперанца – Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје. Проектот е поддржан преку програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“, иницирана од Анадолу култур и Зуса, со финансиска поддршка од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.

Мила Стаменова Бурнс

—