Во вториот дел од шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски во кој гостува Марјан Николовски – новинар и добар познавач на верските состојби, тие продолжуваат да ги отвораат контроверзните теми поврзани со изборот на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА и говорот на омраза меѓу владиките, а се осврнаа и на радикализацијата на стигмата против ранливите групи граѓани и влијанијата на разни разузнавачки служби во црковните прашања.
Според Николовски, неприфатливо е одредени претставници на високиот клир да користат говор на омраза, особено не кон нивните колеги, кои вршеле однапред договорени задачи, а потоа, по критика од јавноста, биле оставани на цедило.
„Суштината на христијанството е сè обратно од говорот на омраза, но тоа што ние имаме одредени свештеници, клир којшто функционира на тој начин, само покажува колку е зрела и како е зрела црквата во Македонија… И сега, кога требаше да се каже нешто добро, збор, за вселенската Патријаршија, они ќутеа – оди Партениј, сега ти кажи нешто добро. И кога заврши приказната како што заврши, иако не заврши како што требаше да заврши, сега имаме ситуација…ајде сега удри, затоа што пет луѓе, десет други викаат – ова е предавство. Отстрана е многу убаво кога седиме, фино, заврши приказната. И сега, пазете кој е парадоксот: ние имаме ситуација, се доведовме, што е добар чин, да се помириме и со ПОА и со тројца владици, од кои, од тие четворица, тројца владици се направени од друга црква со чинови. Да се помириме и да бидат вратени во Македонската православна црква без никаква помпа, што мислам дека беше добро и добро завршена приказна. И, сега, ние бараме нови непријатели внатре во црквата“, посочи Николовски.
Тој е критичен кон претставници на црквата, но смета дека виновници се и гласноговорниците на ранливите категории граѓани, кои исто така користат говор на сатанизација кон црквата. Николовски за политичките одлуки одговорноста ја лоцира кај политичките партии. Според него, црковните великодостојници не можат да влијаат врз политичките претставници за одредени одлуки.
„Јас сметам дека МПЦ има одредени луѓе кои можат многу добро да разговараат со двете страни – неколку владици, монаси, монахињи коишто зборуваат на таа тема јавно. Црквата не треба да ги отфрла таа категорија луѓе. Тоа е она што Ватикан го вели – ние не можеме да благословиме, но не можеме да ви речеме, вие не сте христијани заради тоа и заради тоа. Голем дел од тие луѓе, јас имам пријатели коишто се верници, но некои од нив и стравуваат да идат по цркви или по манастири…Прво, да не бидат осудени од своите, а и да не бидат лошо разбрани и од црквата. Но, имаат пријатели, имаат духовни отци со коишто разговараат на таа тема. Така што, за темата за којашто зборуваме е потребна сериозна дебата. Но, не можеме да ја сатанизираме црквата за тоа што она мисли дека тоа не е во рамките на нејзиното учење. Како што не може и црквата да вика – како што има одредени лудаци во клирот на МПЦ – каде што вели дека ‘вие сте за лечење’“, категоричен е Николовски.
Николовски го оценува меѓуверскиот дијалог во земјата како добар и смета дека тоа е една од одликите која е константна карактеристика на сегашното општество. Според него, единствена причина за судир е кога едната верска заедница смета дека добила помалку од државата во однос на другата.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во вториот дел од разговорот меѓу Алаѓозовски и Николовски во видео шорткастот „Интеркултура”.








