На јавната дебата „Кој се плаши од културите на Другите?“, Суад Скендери, активист за човекови права и еден од основачите на „Ромалитико“, говореше за незаинтересираноста на државата за поддршка на културните проекти на помалкубројните заедници, и ги спомена социјалните мрежи како алтернативна платформа за новата генерација активисти и уметници.
Осврнувајќи се на финансирањето на уметноста преку институциите, Скендери посочи дека поддршката е многу мала и сведена само на фолклор, а уметниците се демотивирани воопшто да творат во рамките на државата како систем.
„Знаете како – трошките што ќе останат, ај да видиме некого да задоволиме ако се гласачи наши – зборувам за Министерство за култура. Општо ако зборуваме за институциите, се гледа само на правична застапеност и тоа е, како да ви кажам, рак рана на нашето општество – што уште не знаеме – не, не знаеме, не сакаме да се спасиме од тоа…Во кратки црти, да, постои нешто што е навистина смешна сума којашто се дава за фолклор, за песна, што јас немам ништо против, тоа е одлично. Но, знаете…дури и уметниците, да речам, се демотивираат да аплицираат во Министерството за култура, затоа што знаат што ‘ќе се деси’, што воопшто се случува. Ако си аплицирал за да речеме буџет од 180-200 илјади денари, ќе добиеш 10 илјади денари – 15, колку само да биде дадено – Министерството ја поддржува културата на другите, да речам на Ромите. Веќе знаат. Сè помалку се мотивирани да аплицираат, сè помалку имаат интерес да творат во рамките на државата како систем, како апарат“, оцени тој.
Во услови кога системот е бавен и незаинтересиран, Скендери гледа простор на социјалните медиуми, каде младите уметници можат да се изразуваат и да го споделуваат своето уметничко творештво.
„За некоја жал, а до негде и среќа постојат социјалните медиуми. Сè повеќе гледам тренд на млади уметници коишто ги користат социјалните платформи, социјалните медиуми за да го покажат тоа што навистина го прават, го работат, го творат. Жално е тоа што се сведува на лајкови, на views, на некаков придонес од ЈуТуб, од некоја друга платформа. Сè се сведува на бројката што те прави вирален, па за да можеш да вратиш нешто назад, па да кажеш – еве јас заработив за мојот перформанс, за моето творештво. Тоа е жалниот дел. Но, среќниот дел е што имаат простор тоа да го прават. Што не мора да чекаат некој да ги валидира или да ги демотивира во случајот, дали да творат понатаму или не“, заклучи тој.
На јавната дебата што се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, учествуваа и Џабир Доко и Алмира Папиќ, додека модераторка на настанот беше Амона Земон. Дебатата беше организирана како дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“, кој го реализираат ЗГ Есперанца – Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје. Проектот е поддржан преку програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“, иницирана од Анадолу култур и Зуса, со финансиска поддршка од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.
Мила Стаменова Бурнс
==









