Фрчкоски: Му играат пиперевка на Орбан, за Кинезите да имаат влез во Будимпешта

 

Во вториот дел од шорткастот на ИМА „Што има ново?“, проф. Љубомир Фрчкоски, зборува за политичката состојба во земјата, застојот во евроинтеграциите и странските влијанија.

Коментирајќи ја работата на владата и неусвојувањето на уставните измени, Фрчкоски предвидува распаѓање на владината коалиција, која ќе се обиде да побара спас во вонредни избори.

„Мислам дека ќе им се случи распад. Оваа коалиција не може да го заврши мандатот, оваа влада… Критична година за тој распад ќе биде годината после локалните избори… Во таа година, они ќе почнат да бараат спас. Еден спас ќе биде вонредни избори. Ќе се обидат да најдат нов мандат за себе. Не знам како ќе поминат на локалните, меѓутоа ќе бараат нов мандат, или ќе се обидат да направат прво голема коалиција да пројдат уставните измени, па потоа да одат на некакви избори. Но тие ќе не можат да го завршат мандатот во овој тип на распаѓање… Ќе има тука и една друга ситуација, која ќе им ја влоши состојбата на меѓуетнички план. Веројатно, ДУИ ќе избрише под со ВЛЕН на локалните избори и вие практично ќе ги имате сите Албанци во опозиција. ВЛЕН внатре во владата ќе биде без основа. Тоа ќе создаде криза на владата од тој аспект – од аспект дека нема да имаат автентични албански претставници кај себе и тоа дополнително ќе ја бутне према барање спас во нови избори“, оцени Фрчкоски.

Во тој контекст, тој го спомена и економскиот губиток од застојот во преговорите за членство во ЕУ, посочувајќи дека средствата кои би ги добивале за развој со отворање на секое поглавје се далеку поголеми од кој било кредит со кој се задолжува земјата, и доаѓаат во форма на грантови наместо кредити.

„Влегувањето во Европска унија, значи решавањето на проблемот со Бугарија и влегувањето во процесот на отворање на поглавја – секое поглавје од тие, не знам колку се, од 7 до 9, е милијарда евра грант… Тоа се 7-8 милијарди во перспектива, грантови за државава. Тоа е повеќе од сите кредити што они можат да ги земат. И тоа не е кредит, тоа е грант. Значи, они ги испуштаат тие пари. Затоа се они дополнително антинационална влада. Не само заради прашањето кое не можат да го видат околу идентитетските спорови него и заради испуштање на парите кои нас ни се неопходни“, истакна Фрчкоски.

Говорејќи за геополитичката ориентација на земјава и странските влијанија, Фрчкоски посочи дека владата ја маргинализира нашата стратешка ориентација кон западните политички структури и е под директно влијание на економска, но и пропагандна линија на унгарски, српски, руски и кинески интереси.

„Овдека сега има влијание унгарско-српската линија, преку нив руската линија, кинеската економска линија од Солун. Нивното играње пипиревка е на линија на Орбановата желба да им овозможи на Кинезите од Солун влез до Будимпешта и тоа е таа линија која сега ние играме и се веселиме што ја градиме – всушност тоа е унгарска опција, унгарско-српска опција. Ние ја запоставивме клучната линија, тоа е Коридор 8, за нас битна. И американската линија функционираше по таа линија, Запад-Исток, значи Албанија – Македонија – Бугарија – Турција. Ние тоа сега комплетно го маргинализиравме. Тоа е директно антинационална стратегија против македонската важност во регионот. И второ, тие линии одат не само по бизнис влијанија, него малигно – по медиумските влијанија… Орбанската и српската и руската линија оди по медиумските линии и практично не колонизира на тој план – хистеризирање или правење симулакруми, правење практично едно… општество на пост-вистина, каде што само оној кој повеќе лаже и има доминација во медиумите… ја има и моќта на владеењето. Тоа е страшно за нас. Ние во таа смисла ќе исчезнеме како некаков разумен субјект кој нешто дискутира, некакви сопствени интереси има“, заклучи тој.

Фрчкоски се осврна и на нападите кон него и кривичната пријава од МВР за неговата работа како амбасадор во Обединетите нации, за која посочи дека е неоснована и банална, а дошла откако Мисијата во неговиот мандат работела интензивно и ефективно, но била целосно бојкотирана од владата.

Погледнете повеќе за овие теми во вториот дел од гостувањето на професорот Љубомир Фрчкоски во видео шорткастот „Што има ново?“.