Во новата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостинка е Белкиса Зеќири, членка на Извршниот одбор на СДСМ и поранешна пратеничка, припадничка на торбешката заедница. Во првиот дел од разговорот, тие се осврнаа на закочувањето на евроинтеграциите, национализмот и популизмот во политиките на власта, состојбите со меѓуетничките односи, порастот на говорот на омраза и други прашања.
Според Зеќири, закочувањето на евроинтегративните процеси јасно покажува дека лидерот на ВМРO-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски нема визија за иднината на државата и покажува голема несериозност, нагласувајќи дека реториката на владејачката партија е „национализам и гол популизам“.
„Мислам дека време е премиерот да излезе од зоната на лажна надеж која им ја дава на граѓаните дека ние можеме сами да се унапредуваме и сами да бидеме како држава без учество на европските пријатели“, категорична е Зеќири.
Како поранешна членка на Комитетот за меѓуетнички односи во Собранието, Зеќири нема позитивно мислење за општествената кохезија и интеркултурниот дијалог по промената на власта.
„Не можам да кажам дека има позитивни резултати. Најпрво ќе го спомнам и извештајот од Европскиот парламент, извештајот на Вајц, каде што нотирано е дека во нашава држава има влијанија, структури руски, дека нашата држава е под српско-унгарски свет или под Кина, имајќи во предвид дека министер за односи со заедниците е Стоилковиќ, пратеник кој никогаш не присуствуваше на комисиите, на комитетот во Собрание, секогаш одбиваше да биде присутен на тие, на него му даваат една толку голема функција за да се грижи за заедниците, каде што јас од тоа што го имам сознание и во јавност што е објавено, дека заедниците се жалат многу… и на финансиската поддршка од министерството, укинувањето на балансерот е дополнителен проблем. Значи се направи тој еден вакуум помеѓу укинување на балансерот и новото законско решение за правична застапеност. Во тој вакуум период, граѓаните, видно, имаше реакција од политичките партии дека не се вработуваат луѓе по правична застапеност, туку по партиски книшки“, нагласи Зеќири.
Таа е загрижена за порастот на говорот на омраза и смета дека посебно во помалите мултиетнички средини има разорни последици.
„Социјалните медиуми се доста проблематична работа, од аспект на тоа што таму најбрзо се шири говорот на омраза и е без контрола. Тука доаѓаме до една ситуација каде што државата мора да има, да изнајде некој контролен механизам за тој говор на омраза, затоа што, видете, има луѓе кои навистина веруваат во секакви дезинформации кои им се пласираат. Ние моментално сме во една хибридна војна со медиумите, така да дезинформациите доаѓаат со брзина на светлината, со која државата мора да најде механизам со тоа да се справи. Затоа што сите читаме, сите гледаме што се случува по медиуми и тоа е многу проблематично“, потенцира Зеќири.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.








