Жерновски во „Интеркултура“: Унгарски кредит, кинески пари и српски свет – тоа е денеска нашата дипломатија

 

Во шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Андреј Жерновски, поранешен градоначалник на Центар, заменик-министер за надворешни работи и амбасадор во Романија. Тие се осврнаа на надворешната политика на претходната и сегашната власт и последиците од закочувањето на евроинтеграциите.

Најпрвин, коментирајќи го и своето и разрешувањето на дузина други амбасадори, Жерновски е дециден дека се работи за политичка елиминација, а во неговиот случај и поради трите изборни круга во Центар и победата на локалните избори 2013 година, што власта не може да ги заборави. Но она што го загрижува е што сè уште не се назначени нови и професионални амбасадори.

„И ако Милошоски како претседател на Комисијата за надворешна политика критикуваше често, и со право, дека нема на битни места амбасадори или воопшто не се пополнуваат, еве имаме година и пол – ние немаме денеска, поради оваа влада, немаме амбасадор во НАТО и ние немаме амбасадор во Данска, којашто е претседавач со Европската унија. Потоа се чудиме зашто добиваме извештаи како што добиваме, во коишто извештаи е прецизно напишан профилот на нашата надворешна политика, или тоа што треба да биде надворешна политика. Унгарски кредит, кинески пари и српски свет. Тоа е денеска, за жал, нашата дипломатија“, резигниран е Жерновски.

Според него, закочувањето на евроинтеграциите има и финансиски, но и многу други реперкусии.

„Ние губиме прво спојување кон едно семејство, кај што има ред, кај што треба да знаеме како функционираат европските вредности. Губиме и средства… Еве, да го извадиме Планот за раст на Европската унија – 43 милиони евра, коишто се однапред определени, не се користат. Ако додадеме на тоа 52 милиони, коишто се аванс веќе исплатени, не се во функција, тоа ви кажува стратегија на незаинтересираност кон Европската унија, исто така и неспособност да се искористат тие пари. Сега ако тој сигнал го праќате во Брисел, ќе завршите онака како што завршувате“, посочи Жерновски.

Тој смета дека иако Владата има многу погрешни потези, за тоа малку се дебатира во јавноста, меѓу другото и поради влошувањето на слободата на медиумите.

„Ние првпат после 6 години бележиме пад на Репортери без граници. И сега случајно ли е што ние после континуиран раст бележиме пад во слободата на медиумите. Така да, медиумите се задушени за да не се слушне вистината“, дециден е Жерновски.

Според него, земјата веќе изгуби доста со менувањето на приоритетите во надворешната политика.

„Ние бевме, цитирам – „позитивната приказна“, не само во регионот. И ние со нашите дејствија во однос на добрососедските односи, коишто се еден од главните принципи да се интегрираме утре, вршевме позитивен притисок врз другите отворени прашања во регионот. Тука првенствено мислам на дијалогот Белград-Приштина. Во период кога функционираше претходната влада, нас нè молеа да ја чекаме Албанија да не се издвоиме, затоа што имаа проблеми во Тирана. Сега они побегнаа. Ние сме сега во друштвото, да завршам, со Косово и со Босна и Херцеговина“, истакна Жерновски.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.