Во шорткастот „Што има ново?“, Петрит Сарачини разговара со Мила Стаменова Бурнс, истражувачка во ИМА, за истражувачката сторија „Анти-родовата пропаганда и FIMI во Македонија: Дезинформации и демонизација“.
Во првиот дел од сторијата – „’Светиот Сојуз’ помеѓу руската пропаганда и МПЦ“ се анализира како анти-родовата пропаганда во земјава се вградува во пошироки дезинформациски и пропагандни рамки поврзани со руското влијание. Анализирајќи конкретни примери, јавни настапи и наративи, истражувањето покажува како одредени црковни, политички и граѓански актери формираат идеолошки „свет сојуз“ против родовата еднаквост, ЛГБТИК+ правата и европските вредности. Посебен фокус е ставен на користењето на религиозниот дискурс за легитимирање на дискриминаторски политики, создавање морална паника и демонизација на родот, родово-базираните политики и борбата за родова еднаквост.
Во вториот дел – „Увезени анти-woke прирачници за локално анти-родово влијание” се истражува како американски „анти-woke“ стратегии и кампањи, се пренесуваат и адаптираат во Северна Македонија. Анализата покажува дека локалните анти-родови актери не дејствуваат изолирано, туку користат готови комуникациски модели и дезинформациски техники преземени од меѓународни конзервативни и крајно-десничарски мрежи. Анти-родовото движење во земјата ги преведува овие наративи и техники во локален политички јазик, ги пласира преку медиуми и социјални мрежи и ги користи за дискредитација на експертското знаење, притисок кон институции за менување на национални политики, како и мобилизација на јавноста против родовите политики и човековите права.
Разговорот се фокусира на начинот на кој анти-родовите организации дејствуваат како организиран политички притисок, на нивните сојузи со политички партии и влијанието што го имаат врз јавните политики и институциите.
Соговорниците се осврнаа и на слабиот одговор на институциите за дискриминацијата и говорот на омраза кој го пласираат анти-родовите актери во јавноста. Отсуството на институционален надзор и законска отчетност им овозможува на анти-родовите структури да функционираат како легитимни актери во јавниот простор, без транспарентност и без одговорност.
„Не беше првпат да бидат овие организации прашани, нели, кој ги финансира нив и од каде добиваат средства за нивните активности… Иако пријавуваат активности, дури и да е тоа само од донации, сепак треба да има некаков финансиски извештај за тоа, а нема… А институциите наши, не само што соработуваат со овие организации, туку не ги ни прашуваат, не им наложуваат истите правила и закони дека и овие организации, за да бидат легитимни организации треба некои одредени правила, како објавување на финансиски извештај, да го прават“ објасни Стаменова Бурнс.
Погледајте го целиот разговор со Мила Стаменова Бурнс за последното истражување на ИМА во видео шорткастот „Што има ново?”.








