Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Поминаа две години откако ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта во Македонија. Се разбира, периодов се изнагледавме отчети и фалби на министрите, и критики на опозицијата, а ете, Владата на половина мандат ја тера и реконструкцијата.
Но, во овие две години, нема ниту еден ТВ дуел меѓу првите луѓе на власта и опозицијата?
Не ме чуди што такво барање не доаѓа од премиерот Мицкоски. Човекот си е комотен во позицијата, има (речиси) двотретинско мнозинство во Собрание, неговата партија ја контролира власта речиси апсолутно и на локално ниво, има силно влијание и го диктира темпото и темите во медиумската и јавната комуникација… Се разбира дека тој нема потреба од вакво соочување.
Но, ме чуди опозициската СДСМ и нејзинот лидер Филипче. Зарем толку лесно се откажаа од оваа демократска придобивка која се воспостави во време на нивното владеење? Зошто опозицијата не бара дуел со Мицкоски и после половина поминат мандат ?!
Заев како премиер имаше два дуели со Мицкоски – во мај 2018 на МТВ и во март 2019 на Канал 5 – во години во кои немаше парламентарни избори. Ковачевски како премиер имаше дуел со Мицкоски во предизборието во 2024 година.
Претходно, да не заборавиме, Груевски избегнуваше дуели за време на целото децениско владеење (и кaкo опозиционер), на дуели не излегуваше никој од ВМРО-ДПМНЕ, што беше меѓу главните забелешки за неговата авторитарна власт и притисок врз демократската дебата во медиумите со тој еднонасочен пропагандистички пристап. Со доаѓањето на СДСМ на власт се врати оваа демократска пракса, која ја имаа претходните премиери Георгиевски и Црвенковски.
И од медиумите не слушам дека има вакво барање за дуел меѓу Мицкоски и Филипче, барем не јавно. По годините кога им се врати одземената слобода и можеа да критикуваат и маваат по власта како сакаат, сега, по сè изгледа, се задоволуваат со вртење едни те исти гости и глумење демократија и дебата.
На овој начин, ова општество се откаж(ув)а од многу демократски придобивки што се воспоставија прилично тешко и со висока цена по падот на режимот на Груевски. А општество што така лесно се откажува од своите слободи и од механизмите на демократијата, не може да очекува многу светла иднина!
—
(авторот е новинар и претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА)








