На 2 октомври 2026 година, со почеток во 12.00 часот, во КСП Центар-Јадро во Скопје ќе се одржи Презентацијата на „Почетниот медиумски мониторинг (април – јуни 2026) на комуникацијата на Министерството за култура и туризам, шест единици на локалната самоуправа и на медиумското известување за локалната култура“ кој го изработија Мила Стаменова Бурнс и Петрит Сарачини.
Мониторинг-извештајот е дел од активностите во рамки на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“ кој го спроведува Јадро – Асоцијација на независната културна сцена во соработка со Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Извештајот ги презентира резултатите од почетниот мониторинг на јавната комуникација на Министерството за култура и туризам, шест единици на локалната самоуправа – Град Скопје, Тетово, Струга, Битола, Кавадарци и Струмица, како и на медиумското известување за темата „култура“ во периодот 1 април – 30 јуни 2026 година.
Истражувањето претставува квантитативна и квалитативна анализа на соопштенија и објави за промоција на институционални активности, официјални посети, јавни настани и културни манифестации. Резултатите од овој извештај го разгледуваат начинот на кој организацијата и финансиската поддршка за културни програми, фестивали и манифестации од страна на Министерството за култура и туризам и шесте единици на локалната самоуправа се рефлектира во нивната јавна комуникација на официјалните веб страници и канали на социјалните медиуми, како и начинот на кој онлајн медиумите известуваат за темата „култура“ и активностите на независната културна сцена.
Резултатите од истражувањето во рамки на овој мониторинг ќе ги презентираат авторите Мила Стаменова Бурнс и Петрит Сарачини од ИМА, а Дарко Алексовски од Јадро – Асоцијација ќе даде краток осврт за целиот проект и рамките во кои се реализира оваа активност.
Презентација на Почетниот медиумски мониторинг (април – јуни 2026) ја реализираме во рамки на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Култура за развој“, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.








