Во првото издание од третата сезона на шорткастот „Интеркултура”, Роберт Алаѓозовски разговара со Артан Садику, претседател на Јадро – Асоцијацијата на независната културна сцена. Тие се осврнаа на актуелната состојба со независната културна сцена, која претставува крвоток на културата и носител на критичката свест во општеството.
Садику го нагласи константното намалување на поддршката за независната сцена, во услови кога државен буџет постојано се зголемува.
„Индикативно е дека секоја година Македонија има поголем и поголем целосен државен буџет, а буџетот за независната културна сцена се намалува секоја година и, тоа е доста индикативно. Не значи дека нема средства, прво нема волја за да се распределат средства за независната културна сцена. Она што се случува со одредени манифестации покажува дека, кога има волја се наоѓаат средства од различни извори“, посочува Садику.
Тој укажа состојбата е спротивна во другите држави од регионот.
„Сите други држави во регионот, секоја година, во последните 10 години, секоја година се зголемува поддршката за независниот културен сектор, за независната културна сцена, само во Македонија оваа поддршка се намалува. Тоа покажува, од една страна, промена на културните вредности и културната матрица на властите кои не сакаат таа сцена да биде толку ојачана, да биде присутна, и оттаму волјата за било какво стратешко партнерство секоја година се намалува, доскоро да не постои воопшто“, оцени Садику.
Тој смета дека проектот Скопје Европска престолнина на културата 2028 година следи мегаломански концепт на спектакли а не на вистински културни проекти и дека веќе покажува знаци на лошо менаџирање, типично за такви проекти во регионот.
„Тие трошат милиони за таквите настани и многу мал дел од тие средства се канализираат за она што навистина може да го направи градот да биде пријатно искуство за луѓето кои ќе дојдат да го посетат. А тоа е отсекогаш локалната независна културна сцена, која навистина го знае градот, го познава секој дел од градот и тоа е пулсот на градот додека нема огромни фестивали, огромни спектакли. Независната културна сцена е таа што претставува крвотокот културен на градот, која навистина го гради градот од доле и претставува секојдневна возможност за искусување на градот каков што е, а не каков што треба да се изгради и да се претстави пред меѓународната јавност“, вели Садику.
Садику изрази жалење за пречестите смени на министри за култура и немањето визија за културата на највисоко државно ниво, како и за честото менување на приоритетите и стратешките политики.
Погледајте ја целата епизода на „Интеркултура” со Артан Садику, претседател на Јадро – Асоцијацијата на независната културна сцена, една од најрелевантните граѓански организации на културната сцена во земјата.
—
Шорткастот „Интеркултура“ е активност реализирана во рамки на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Култура за развој“, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.








