Насилството е една од најгорливите точки во моментот на ова современо живеење, оцени активистката и културна менаџерка Јана Коцевска во разговор со Роберт Алаѓозовски во шорткастот „Интеркутлура“ на ИМА.
„Буквално е станато како норма, нормализирано е до крајност и, тоа што го гледам како суштински проблем, е неодговорноста на институциите. Едноставно, непреземање никакви механизми, иако тие постојат, регулирани се со разни акти, со разни документи, со разни политики. Постојат закони, меѓутоа навистина не се случува ништо за да таа заштита за жените, младите девојки и маргинализираните групи навистина се случува“, смета Коцевска.
Според неа, сведочиме едни времиња каде што навистина имаме голем број на случаи на насилство, а тоа не е изолирано од кои било други процеси во општеството.
„Исто така е огромен проблем и економската независност на жените, корупцијата. Учеството на жените во политиката е про – форма. Се гледа да се исполнат некакви квоти, меѓутоа нема нивно суштинско учество за да се носат родови политики, коишто навистина ќе направат некоја промена во однос на унапредувањето на родовата еднаквост“, истакна Коцевска.
—
Шорткастот „Интеркултура“ е активност реализирана во рамки на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Култура за развој“, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд








