ПАРАДА НА ГОРДИТЕ ХОМОФОБИ

 

ПИШУВА: Билјана Михајловска

На 25.06.2022 година во Скопје се одржа третата по ред Парада на гордоста под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“. На парадата учествуваа многубројни припадници на ЛГБТИ заедницата од Република Северна Македонија, како и домашни и странски активисти за заштита на човековите права. Медиумите, со ретки исклучоци, коректно известуваа за Парадата на гордоста, а ги пренесоа и изјавите за поддршка на Парадата од највисоките политички претставници во РСМ, Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. И, се чини, тука завршува општествената нормалност во врска со Парадата на гордоста.

Без оглед на долгогодишните бројни кампањи за прифаќање на различноста од кој било вид, на законските решенија кои ја штитат различноста, на образованието насочено кон почитување на човековите права… дел од човештвото и во 2022 година останува закопано во своите квази-морални ровови, штитејќи го до последен здив своето „право“ да мрази, да осудува, да малтретира, па и да убива.

Сите наши квазиморални ровови

Делот од човештвото кој го штити своето „право“ да мрази ниту е мал, ниту е ограничен на одредена територија, ниту има една единствена врска. Да беа малкумина собрани во еден ров, ќе ни требаше само трошка сила со која околу ровот ќе засадевме миризливи трендафили и липи на кои ќе пееја славејчиња, ќе прскавме вода од гумени црева да направиме виножито, ќе ги храневме со охридски цреши и скопски симит, ќе им читавме стихови полни љубов за Дениција… ќе направевме сè да им покажеме колку е прекрасен животот и колку непотребно си го трошат на омраза. Но ровот не е еден. Ровови се насекаде околу нас. И сите испреплетени со безброј меѓусебни врски: семејни, општествени, морални, религиски, политички…

Ровот на „религиозните ветерани“

На првата линија на фронтот е ровот на религиозните ветерани. Тие имаат најдолг стаж во борбата за зачувување на религиските вредности. Отсекогаш и засекогаш рафално ќе ги цитираат религиските догми според кои токму нивниот еден и единствен бог ги создал мажот и жената со мисија да се множат и да го создадат човештвото. Маж и жена! И никој поинаков и никој различен!

Со оглед на широката лепеза на „едни и единствени богови“ и местото на случувањата, ќе се ограничам на борбата на ветераните од доминантната православна религија во РСМ. Тоа се оние ветерани кои во секое време и на секое место ќе ве потсетат дека бог ги создал мажот Адам и жената Ева за да создадат семејство и секое мислење различно од тоа е непростливо богохулие. Ќе ве потсетат дека Ное на арката натоварил петел и кокошка, а не две кокошки или два петли. Ќе ве потсетат дека пеколот е местото наменето за различните итн.

И тука завршува дискусијата. Напразно би поставувале комплицирани прашања од типот: Како настанала третата генерација на човештвото ако се има предвид дека Адам и Ева имале три сина? Која е улогата на таткото Јосиф ако се има предвид дека мајката Марија безгрешно зачнала? Ако зачнувањето на Исус е безгрешно, дали тоа значи дека зачнувањето на синовите на Адам и Ева е грев наметнат од бога? Како Ное определил која риба е машко, а која женско и дали на неговата арка понел една или две амеби?

Ровот на „чуварите на семејните вредности“

Во вториот ров се чуварите на семејните вредности од наше маало. Кршни моми и момчиња, горди мајки и татковци, угледни баби и дедовци чија животна мисија е да одгледаат здраво поколение и да го одржат човечкиот вид со соодветна стапка на наталитет. Притоа, под здраво поколение се подразбира да се израснат здрави и прави деца кои ќе го продолжат размножувањето. Сосема е небитно дали тие исти деца во зрелоста ќе станат убијци, битно е зад себе да остават минимум две чеда.

За жените од наше маало света должност дадена од бога е да раѓаат деца по секоја цена, дури и кога тоа го загрозува нивното здравје и живот. За нив е незамисливо да го потрошат својот живот на одгледување дете кое нема да им роди внуци, дете кое нема да биде син туку „женско петле“ или дете кое нема да биде ќерка туку „машкуданка“. Тие се мајките кои се ужаснуваат од помислата дека можеби ќе им се случи ситуацијата на некоја си Цвета која на некоја си плажа морала на своето дете да му објаснува зошто некои си две тетки на соседните лежалки се бакнувале.

На мажите од наше маало им светкаат искри од очите додека дискутираат за гнасните „двоцевкаши“ и ја пцујат државата што ја ангажира полицијата за да штити „болесници“. Овие силни мажиња со леснотија би го згазиле секое „педериште“ кое лесно го препознаваат затоа што има депилирани пазуви. И без проблем доживотно „ќе го лежат“ сопственото дете ако дома им ја донесе чумата „педерастија“.

Во ровот на чуварите на семејните вредности незамисливо е да се организираат паради на кои шетаат „голи задници“ кои сакаат да им ги „заразат“ децата. Тие не сакаат нивните деца да имаат сексуално образование затоа што тоа не е со цел да ги подучи нивните деца како да се заштитат од сексуално преносливи болести или од прерана бременост, туку е завера на „педерааната“ да им ги преобратат децата.

Чуварите од наше маало целосно се прилагодени на новото време. Селските чешми и кооперации ги заменија со социјалните мрежи на кои ја продолжија гласната дискусија за тоа што е, а што не е нормално. На долго и на широко објаснуваат дека имаме тела кои се физички компатибилни единствено со спротивниот пол и никако поинаку. Секој различен аргумент е неприфатлив. Единствено прифатливо е мудро да се премолчи, на пример, податокот од колку татковци се децата што ги родила некоја безгрешна мајка или со колку жени има деца некој безгрешен татко. Во ровот на чуварите на семејните вредности најстрого е забрането да се спомне дека некои мажи преферираат порно филмови со лезбејки, а некои жени плачат на филмот „Мостовите на округот Медисон“.

Ровот на „експертите по сештологија“

Во третиот ров се експертите по сештологија, учени луѓе, начитани… ех, знаат дури и цитати од книги за психологија од 19-от век. Одлично знаат да пребаруваат на Интернет, да ги најдат сите информации кои ќе ги поткрепат нивните теории и да ги игнорираат сите информации кои се различни или спротивни. „Аргументирано“ ќе ви образложат зошто сè што не е сексуална врска помеѓу маж и жена е ментална болест која мора да се лечи, понекогаш со драстични методи од типот на електрошокови, понекогаш и со магична мешавина од билки. Битно е да се лечи.

Мал дел од експертите по сештологија успеале да еволуираат дури и до стадиумот „над ситуацијата“. Тие немаат ништо против секој да си биде тоа што е, но се против тоа да се покажува во јавноста и да се бараат или бранат какви било права на ЛГБТИ заедницата, особено не со паради. Нив „не ги интересира кој што прави во својата спална, но не сакаат тоа да се покажува во јавноста“. Секое ново право на ЛГБТИ заедницата, освен правото на живот, за нив е штетно за опстојувањето на човештвото. Својата „надситуацијативност“ ја поткрепуваат со факти дека расте бројот на припадници на ЛГБТИ за да докажат дека станува збор за „помодарство“. Намалувањето на наталитетот го користат како аргумент против истополовите бракови и, особено, против желбата на истополовите парови да посвојуваат деца. За нив е од особена важност секое дете да расте во „нормално семејство“ со мајка и татко затоа што ако расте со двајца родители од ист пол постојат големи шанси детето да се „збуни“ и самото да стане хомосексуалец.

Експертите по сештологија никогаш нема да ги прифатат фактите кои покажуваат нешто различно од она што тие „аргументирано“ го докажале. Ним не смее да им се поставуваат дополнителни прашања затоа што нивната вистина е единствена. Нема да добиете одговори на прашања од типот: Кога во нашава земја виделе дека припадниците на ЛГБТИ заедницата на Парадата на гордоста го прават истото што го прават и во сопствените спални соби? Дали прошетката по улица за нив е исто со сексуални односи? Кое е нивото на „ненормалност“ на семејствата кои се состојат само од хетеросексуален пар или на еднородителските семејства? Како е можно да е загрозено опстојувањето на човештвото ако во исто време се зголемува и ЛГБТИ популацијата и вкупната популација на планетата Земја?

Парада на гордоста, 2022 или како се создаде ровот на „тастатура патриотите“

Сето погоре спомнато е здодевно затоа што звучи премногу познато. Истите хомофобни фрази се повторуваат со години. Единствено зачестеноста е поголема, можеби не поради поголемиот број на хомофоби туку поради нивната поголема видливост во јавноста благодарение на социјалните медиуми.

За да не биде здодевна Парада на гордоста, годинава беше ископан нов, четврти квазиморален ров во кој се смести цела војска „тастатура патриоти“ составена од неколку македонски јавни личности (вклучувајќи и универзитетски професори, новинари, политичари) и голем број виртуелни ликови. Долгогодишната загриженост за опстанокот на човечкиот род падна во втор план поради екстремната загриженост на „тастатура патриотите“ за опстанокот на македонската нација! Да, токму така – загрозен е опстанокот на Македонците! Смешно, но вистинито. Обично така бидува кога некој е платен од секоја ситуација да извлече сопствена полза и во секоја ситуација да ја промовира сопствената политичка идеологија. Едноставно, невозможно е некој бесплатно да смисли, благо кажано, смешна аналогија од типот:

ЛГБТИ = СДС= СОРОСПИЈА = СЕВЕРЏАН = ПРЕДАВНИК

За оние што не се љубители на социјалните медиуми – терминологијата во погоре наведената аналогија вообичаено ја користат поддржувачите на македонските опозициски партии, пред сè, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, во следната смисла:

СДС – акроним за СДСМ, задолжително напишан без М поради „немакедонштината“ на СДСМ, често напишан и проширено како „СДС на нашата земја“;

Сороспија – припадник на која било НВО што застапува идеи различни од демохристијанските;

Северџан – Македонец што го прифатил фактот дека државата се вика Република Северна Македонија;

Предавник – секој кој мисли различно од нив.

„Тастатура патриотите“ се „згрозија“ од фактот дека некој прави Парада на гордоста, а македонскиот политички врв ја поддржаа истата во вакви историски моменти за нашата држава. Според нив, македонската нација е на пат целосно да биде разнебитена затоа што наместо да ја брани нацијата од бугарските мегаломански барања поврзани со отпочнувањето на преговорите за влез во ЕУ, политичкиот врв се занимава со поддршка на парада. Небаре парадата трае вечно, а влезот во ЕУ е само еден минлив момент.

Уште „позгрозени“ беа од обичните сограѓани кои ја поддржуваат Парадата на гордоста и, без оглед дали е вистина или не, им ја залепија етикетата дека се припадници на ЛГБТИ заедницата. Според „тастатура патриотите“, секој што ја поддржува ЛГБТИ заедницата задолжително е и член или поддржувач на СДС, „лапа пари“ од невладини организации поддржани од Џорџ Сорос („сороспија“) и сигурно гласал на Референдумот за промена на името што го прави „северџан“. Ако исполнува и само еден од наведените „услови“, тогаш таквата личност нема шанси да си ја сака татковината и сигурно е „предавник“.

Говорот на омраза – најмоќно оружје во „рововската“ битка на социјалните мрежи

Целата погоре спомната терминологија, употребена од „религиозните ветерани“, „чуварите на семејните вредности“ и „експертите по сештологија“ за да се омаловажат припадниците на ЛГБТИ заедницата, е составен дел од говорот на омраза на „тастатура патриотите“, надграден со експлицитно посочување на „изопаченоста“ на реални ликови, напишани со име и презиме или со псевдоним кој го користат на социјалните мрежи (но е познато кој конкретен лик стои зад истиот). За да се систематизира и анализира говорот на омраза изблуен на социјалните мрежи (пред сè, Фејсбук и Твитер) во само еден ден за еден специфичен настан каков што е Парадата на гордоста, потребни се месеци и стотици страници текст, особено ако се земат предвид сите индивидуални статуси и коментарите напишани под фејсбук статуси на политичари, политички партии и медиуми.

Но за да се добие впечаток за тоа во какво хомофобно општество живееме, доволни се неколку примери, особено од социјалната мрежа Твитер каде што загарантираната анонимност им дава слобода на „тастатура патриотите“ да распалат со своето најмоќно оружје – говорот на омраза. Сосема друга приказна е дали токму говорот на омраза е соодветно „оружје“ за одбрана на македонската нација и идентитет, особено во момент кога и говорот на омраза е еден од аргументите на соседна Бугарија за блокирање на преговорите со ЕУ.

Во продолжение имате можност да прочитате дел од твитовите кои беа објавени на денот на одржувањето на Парадата на гордоста.  Она што можам да го констатирам е дека успеавме да ископаме уште еден квазиморален ров, толку длабоко што можеби никогаш не ќе можеме да излеземе од него.

 

 

 

https://twitter.com/LegitMacedonia/status/1540671806452838400

https://twitter.com/RusevinaMAK/status/1540628079256764417

Дали, после сè, имаме сила да се бориме против говорот на омраза насочена кон кого било? Се чини, ќе мора да најдеме сила затоа што така налага здравиот разум. Вам ви останува да ја процените придобивката или штетата од ваквиот начин на јавно комуницирање и да решите дали ќе бидете „за“ или „против“ говорот на омраза. Хм… зарем постои „за“?