Политички манихеизам

Пишува: Атанас КИРОВСКИ

Политиката на владејачката СДСМ и нејзините медиумски експоненти станува сѐ повознемирувачка. Упростениот медиумскиот дискурс на целата владина коалиција е еден вид политички манихеизам, каде што има судир на светлото и темнината или доброто и злото. „Светлината“ се залага за европска Македонија, „темнината “ е против таа идеја. Се подразбира дека како во Civitas Dei на Аврелиј Августин, светлината на крајот победува.

Овој дискурс кој се провлекува изминатиов период беше искажан во експлицитна форма од самиот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој побара сите 120 пратеници во парламентот да гласаат за уставните измени: „Верувам дека сите 120 пратеници треба да ги поддржат уставните измени, зашто со нив се внесуваат делови од други народи кои живеат тука кои изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав.“

Ковачевски рече дека во однос на политичките партии: „Јасно се издиференцирани две коалиции – една која е за европска Северна Македонија и која заедно со доминантниот дел од граѓаните сака да ја види државата како дел од ЕУ, и ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се противат на членството во ЕУ и за тоа постојано изнаоѓаат нови причини кои немаат никаква врска со реалноста, ниту имале во 11-те години кога беа на власт и кога државата не се помести ни милиметар во евроинтеграциите, а беше и заробена во однос на демократијата и владеењето на правото.“

Во суштина, многу компликуваната преговарачка рамка за почеток на пристапните преговори предложена од Франција, за која голем дел од експертската јавност што се занимава со евроинтеграциските процеси се изјасни дека е неповолна за Македонија и во целост ги задоволува бугарските условувања, се подметнува како единствена безалтернативна опција според принципот „земи или остави“. Па така, сите оние проевропски и добронамерни критичари на францускиот предлог, кои сметаат дека оваа преговарачка рамка не е добра и не треба да се прифати, се дискредитираат како „антиевропски елементи“.

Јас лично отсекогаш сум сметал дека политиката на евроинтеграции на Македонија нема алтернатива, и дека поважни од самото членство се пристапните преговори, кои државата ја поставуваат на шини кон изградба на современа европска држава на владеење на правото. Но, тоа се „Копенхагенските критериуми“, за кои како услов за членство преговараа новите земји членки во процесот на проширување на Унијата, а не бесконечен список на желби и ултиматуми на Бугарија, чија цел е негација на македонската нација, јазик и историја. Тој став, убеден сум, не ме прави ниту евроскептик, ниту антиевропеец. Друго е прашањето колку е европски некој, во третата декада на 21 век, упорно да го негира постоењето на засебна македонска нација и јазик!

Самата Влада, пред да даде одговор на предлогот од Париз, иницираше консултации дали да биде прифатена преговарачката рамка во оваа форма, така што е непринципиелно сега да се анатемисуваат како еретици и „антиверопејци“ сите кои имаат поинакво мислење од Владата за францускиот предлог.

На крајот на краиштата, и самиот премиер Димитар Ковачевски на 27.06.2022 г. во Брисел го одби францускиот предлог и порача дека македонските црвени линии за изнаоѓање компромисно решение со Софија се: „Чиста формулација за македонскиот јазик, гаранции за идентитетот, историските прашања да не се услов во преговарачката рамка, преговорите со ЕУ да почнат пред да влезат Бугарите во Уставот и да ни се дадат гаранции и од ЕУ и од Бугарија дека нема да има натаму нови условувања“. Самите уставни измени, што ги бара Ковачевски од пратениците во парламентот, се газење на една црвена линија, која тој самиот ја постави пред помалку од два месеци! Јасно е дека услов за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ е промена на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата на тој Устав. Притоа, огорченоста кај дел од јавноста не е затоа што некој има против Бугарите да бидат дел од Уставот по себе, туку затоа што ова што се случува е издејствувано под притисок и уцени, а во преговорите меѓу Скопје и Софија е направен тотален дебаланс во полза на посилниот, односно државата која е членка на ЕУ.

Евидентно е дека Владата се премисли, и убеден сум дека е свесна оти станува збор за многу лош компромис. Веројатно смета дека ако не се прифати предлогот во оваа форма, Македонија непотребно ќе губи време и во државата ќе станува сѐ полошо, или дека може да се случи некој нареден предлог да биде уште полош од овој што е сега на маса, или и едното и другото. И тоа во политиката е легитимно.  Како што е легитимно некој за овој предлог да мисли поинаку од Владата, или да мисли дека во иднина низ преговори може да се добие подобар предлог. Она што не е легитимно е да се дисквалификуваат и етикетираат оние што размислуваат поинаку и низ медиумски дискурс да се „пребројуваат“ граѓаните на „европски“ и „антиверопски“, како што е целосно неприфатлив говорот на омразата каде што другата страна ги етикетира како „предавници“ оние што размислуваат поинаку од нив.

Во демократија има простор за различни мислења, идеи, опции…Јас лично бев зачуден што на ЦО на СДСМ сите 124 членови, од прв до последен, едногласно донесоа одлука францускиот предлог да биде поддржан. Нема ниту еден со различно мислење околу толку контроверзен предлог, кој остро го критикуваа и странски дипломати и новинари, кои се докажани пријатели на Македонија, и кој самиот нивни лидер го оцени како неприфатлив само неколку дена претходно?!?

Истовремено, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека ќе се повлече од политиката ако некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги поддржи уставните измени. И таму нема никој со различно мислење, и не смее да го има? Кој е основниот квалитет на двете најголеми политички партии во Македонија – што и во двата табора, сите, од прв до последен, исто размислуваат, а нивната мисла секогаш коинцидира со ставот на лидерот на партијата, па дури и во ситуации кога лидерот на партијата ги менува ставовите?

Кога ги учевме првите лекции за демократија ни звучеше симпатично анегдотата кога на некое гласање за тоа дали да се гради водовод во некоја англиска општина имало некој што гласал против. Кога го прашале што има против водовод, кога и тој самиот ќе има бенефит, одговорил: „Знам дека водоводот е благодет, ама гласав против атер за демократијата – не е убаво кога сите мислат исто“.

Во демократијата треба да има разногласие. Не може едноумието да ни се потклава како демократска вредност.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија