Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

„Пасокизација“ е релативно нов политички термин во македонското политичко милје, употребуван во контекст на упростена и неприменлива аналогија со грчката политичка сцена, главно форсиран од лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев. Употребата на овој израз Апасиев ја користи во контекст на слабеење на владејачкиот СДСМ по примерот на централно-левичарскиот ПАСОК во Грција, кога во време на владеењето на Јорго Папандреу партијата од 44% освоени гласови на изборите во 2009-та и 160 пратенички места, падна на 13% и само 41 пратеник на изборите во 2012. До 2015 година, ПАСОК се сведе на 13 пратеници во грчкиот парламент и стана безначајна сила на грчката политичка сцена.

Гласовите на ПАСОК главно се прелеаја кон СИРИЗА – радикално левичарското движење, кое настана од фракцијата на КПГ (надворешна) или проевропските комунисти во 80-тите години на минатиот век, на која се приклучија и други радикално левичарски партии и здруженија ( оттаму и името СИРИЗА СИнасписзмос-РИЗоспастикис Аристерас- во превод: Коалиција на радикалната левица). Додека КПГ, која и денес опстојува на политичката сцена, остана доследна на својата болшевичка идеологија, а нејзината реторика која го користи вокабуларот на левицата од периодот на Студената војна, ја претвори во еден од последните комунистички реликти во Европа, доследни во својата анти-НАТО политика, за кои падот на Берлинскиот ѕид и ослободувањето на еден куп нации и држави и ден денес е симбол на најголемата трагедија!

Политичкиот дебакл на ПАСОК се случи како резултат на стравичната финансиска криза во Грција и енормен надворешен долг, чие сервисирање беше можно преку меморандуми потпишани со ЕУ, ММФ и СБ, кои предвидуваа драконски мерки на штедење што доведе до големо осиромашување на грчката средна класа. За да биде иронијата на историјата поголема, таа средна класа во Грција ја создаде токму ПАСОК во 80-тите години на минатиот век, за време на владеењето на основачот на партијата Андреас Папандреу.

Разочарани од меморандумите потпишани со Брисел, цели општински организации на ПАСОК сосе членството и симпатизери пред 10-ина години преминуваа во Сириза, дотогаш мала партија, која со децении се мачеше да го надмине прагот од 3% гласови на изборите, потребни за влез во грчкиот парламент. Главнината на симпатизерите на ПАСОК буквално се прелеаја во Сириза, која остро ги критикуваше меморандумите и тогаш беше единствената анти-естаблишмент политичка партија (и опозициската Неа Демократија даваше поддршка на меморандумите и политиката на штедење како единствен излез за да се спречи целосен  банкрот на  Грција).

Поранешниот лидер на грчката комунистичка младина КНЕЛ – Алексис Ципрас, како млад водач на Сириза, успеа да ја направи партијата најголема сила на грчката политичка сцена, и по победата на изборите во 2015-та да стане и грчки премиер со Сириза како владејачка партија, и прв грчки премиер, кој за својата должност се заколна на Уставот, а не на Библијата!

Лидерот на Левица го користи зборот „Пасокизација“ токму во овој контекст, правејќи аналогија меѓу ПАСОК и СДСМ, и СИРИЗА и ЛЕВИЦА. По локалните избори во 2021, Апасиев изјави: “Општа тенденција е дека левичарското расположение е во нагорна линија. Конечно е завршен долгоочекуваниот процес на пасокизација на СДС и Левица го зазема сигурно приматот во левиот спектар“.  Со оваа изјава, Апасиев се најави себеси како идниот Ципрас, а Левица како идната Сириза. Но, оваа скудна аналогија со политичките процеси кај нашиот јужен сосед апсолутно не држи.

Прво, Сириза беше и остана оригинална левичарска партија со космополитски дух, која секогаш се борела против национализмот и го критикувала и кога била власт и кога била во опозиција. Дека Сириза никогаш не кокетирала со национализам потврдува и тоа, дека требаше да поминат 26 години од грчко-македонскиот спор за името, десетици влади на НД и ПАСОК кои не го решија прашањето, и требаше Сириза да дојде на власт, за да најде компромисно решение и да потпише договор, со кој Грција призна постоење на македонска нација и македонски јазик.

Апасиев и тогаш, и сега беше против Преспанскиот договор, со силни националистички позиции. За разлика од космополитизмот на Сириза, Левица во македонското политичко милје е влезена во етничко наддавање со конзервативната ВМРО-ДПМНЕ. И околу односите со Грција и Преспанскиот договор, и околу преговорите со Бугарија и ЕУ, и особено во односите со партиите на етничките Албанци во Македонија. Левица е чудна симбиоза на залагање за поголеми работнички права, радикално оданочување на крупниот капитал и профит, а од друга страна со тврда националистичка реторика.

Не може жестокиот националист Апасиев, да се потклава себеси како левичарот космополит Ципрас. Или, што би рекле Дебармаалци – не може и чифт и тек да е негово. Радикалните националистички позиции му носат гласови во моменти на отстапки во преговорите со соседите и тешката политичка криза со која се соочува Македонија, но се повеќе го оддалечуваат од автентичните левичарски позиции. Пред само неколку дена го повтори говорот на омраза кон новинарите и медиумите во Македонија со левичарска и космополитска провиниенција : „Платените соросписки медиуми не и можат ништо на една жива и жилава организација  која е масовно прифатена од народот“.

Ова е вокабулар на типичен говор на омраза кон медиумите и новинарите од времето на владеењето на Никола Груевски, инсталиран од најекстремните десничарски елементи во општеството, кои се чиста спротивност на левицата,  а контекстот на навредите е дека станува збор за луѓе кои се платеници и „медиумски ороспии“, кои се откажале од своите национални чувства, и ги продале на „Сорос“ и меѓународниот фактор. Вакви примери на говор на омраза и етикетирање на неистомисленици се секојдневна одлика на настапите на Апасиев.

Второ, политиката на Левица во однос на албанскиот политички фактор во Македонија сосема го одзема капацитетот на евентуално коалицирање во идна влада, со некоја од албанските политички партии. Секоја партија на етничките Албанци, која би влегла во некаков политички сојуз со Левица, би загубила од својата поддршка кај електоратот. Ако докрај се прават аналогии со грчката политичка сцена, таму имаше 2 партии без коалициски капацитет : КПГ која самата не сакаше да коалицира со никого по никоја цена, и неонацистичката Златна Зора со која никој не сакаше да коалицира, по никоја цена.

Во периодот на енормниот пад на популарноста на естаблишмент – партиите, голем пораст имаше не само Сириза, туку и Златна Зора која на изборите во 2015 стаса до 21 пратеник. Сега Златна Зора веќе не постои, а нејзиниот лидер и 68 луѓе од раководството се на отслужување на долгогодишни казни затвор заради злосторничко здружување.

Се разбира, претерана е аналогијата дека Апасиев ќе ја доживее судбината на Николаос Михалолиакос од Златна Зора, или дека Левица ќе стане злосторничко здружение, но, ваквите упростени и натегнати аналогии со грчката политичка сцена покажуваат до какви апсурдни ситуации доведуваат прости и неприменливи  аналогии со грчкото политичко милје. Левица не е ниту Сириза, ниту Златна Зора, и нема ни да биде, ниту па СДСМ ќе стане ПАСОК.

Инаку вистинскиот контекст на поимот „пасокизација“ во грчкото општество е периодот од 1981-1989, кога, за време на Андреас Папандреу, навистина беше етаблирана демократијата во Грција, и кога граѓаните политички се еманципираа и ослободија од влијанието на Палатата, полицијата и армијата, кои не само што прикриено раководеа со грчкото општество по завршувањето на граѓанската војна (1946-1949), туку од 1967-1974 година и отворено владееја како хунта предводена од полковник Пападопулос.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија