Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ
Иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум, на кој граѓаните би се изјаснувале дали да го поништат Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, како што е вообичаено во македонската политика, беше дочекана со емотивни реакции и интерпретации. Приврзаниците на идејата „европски интеграции по секоја цена“ ја доживуваат идејата како длабоко антиевропска, сметаат дека ги загрозува европските перспективи на Македонија, а некои дури и самиот нејзин опстанок како држава.
Со оглед на високиот цензус неопходен за успешност на референдумот, убедени се и дека референдумот би бил непотребно трошење на време и пари. Оттаму, сметаат дека примарна цел на таквиот референдум би бил мобилизација на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ и, зависно од резултатот, дополнителен притисок за предвремени избори.
Поддржувачите на политиките на опозицијата, пак, се убедени дека референдумот не е без шанси за успех, а дури и да не успее, сметаат дека голем број на гласови (бројка од над 600 000 гласа, или резултат сличен на оној на кој граѓаните гласаа за Договорот од Преспа) би претставувал одличен политички капитал, а истовремено, тие гласови би претставувале и обврска кон ВМРО-ДПМНЕ да опстои на непопустлива политика во односите со Софија.
Жешките политички теми во Македонија секогаш се предмет на груби манипулации со јавноста. Самото референдумско прашање што го поставува ВМРО ДПМНЕ е извесна манипулација со чувствата на граѓаните кои на протести изразуваа незадоволство од „францускиот предлог“, со кој Македонија би ги отпочнала преговорите со ЕУ, а сега на референдум не би се изјаснувале за „францускиот предлог“, туку за Договорот за добрососедство со Бугарија по цели 5 години од потпишувањето на тој договор.
Можеби манипулацијата произлегува од водењето сметка да не се наштети на позицијата на државата во меѓународната политика или на калкулации дека прашање кое би било експлицитно против ЕУ би било непопуларно, но факт е дека за Македонија ќе беше многу полошо ако граѓаните се изјаснуваа за или против ЕУ и нејзините политики, отколку да се изјаснуваат за еден билатерален договор со соседна земја.
За СДСМ, „иницијативата за референдум е единствено за личен спас на фотелјата на Христијан Мицкоски во Белиот дворец, и тоа e ретрограден процес што има за цел да ја уназади државата и да го попречи интегрирањето во ЕУ“. Нема информации за процес кој навестува дека е загрозена лидерската позиција на Мицкоски во партијата, ниту пак СДСМ нуди било каква поткрепа на оваа паушална теза.
Уште повеќе, во соопштението на СДСМ се наведува дека „во таквото однесување Мицкоски е сам и изолиран, а доказ за тоа се и јавните изјави на истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ кои не се сложуваат со таквите постапки на Мицкоски“. Со оглед на фактот дека нема официјални изјави против референдумското изјаснување од раководството на партијата, и експресното собирање на потребните потписи од опозицијата кои беа доставени до Собранието, јасно е дека СДСМ и провладините медиуми кои лиферуваат вакви информации ја манипулираат јавноста за некаква криза во ВМРО ДПМНЕ и изнудени потези од очај, како резултат на таква криза. Ако е целта да се дискредитира идејата за референдум, за тоа има многу реални аргументи, но нема никаква допирна точка со стварноста дека станува збор за операција, која има за цел да се „спаси Мицкоски“ или дека „Мицкоски е осамен во тој процес“.
За СДСМ ова што го прави Мицкоски е класичен „кукавичлук“. Но, ако се анализираат политичките процеси трезвено и без партиски визир, вистинското прашање е зошто Мицкоски и раководството на ВМРО ДПМНЕ влегуваат во ваков ризик, бидејќи здравата логика, но и последните анкети покажуваат дека прифаќањето на непопуларни компромиси од оваа влада резултира со пад на рејтингот на СДСМ, што ВМРО-ДПМНЕ го прави фаворит на следните парламентарни избори.
Оттаму, зошто референдум кој е безмалку однапред осуден на неуспех, бидејќи за референдумот да биде успешен потребно е да излезат 912 000 гласачи? На парламентарните избори во 2020 г. гласаа вкупно 944 000 гласачи, а на локалните избори во 2021 г. уште помалку. Ако се знае дека СДСМ и неговите коалициски партнери ќе го бојкотираат референдумот, исто како и ДУИ и веројатно и поголемиот дел од опозициските партии на етничките Албанци, а можеби и сите – да се достигне цензус е безмалку невозможно.
Иако е секогаш тешко да се прогнозираат цифри, а особено излезност, искуствата од досегашните избори и референдуми покажуваат дека реалната бројка на потенцијални гласачи на таков референдум тешко би ја надминала бројката од 550 000, и тоа заедно со оние граѓани што не гласале за ВМРО ДПМНЕ а се посебно револтирани од политиката на Софија и попустливоста на македонската влада, и сосе гласовите на Левица и другите десничарски партии.
Идејата што ја претстави Мицкоски, заедно со референдумот во ист ден да има и парламентарни, па дури и претседателски избори (сите избори на купче за ист трошок !), а што би го направила цензусот на референдумот реален, речиси e сигурно дека нема да биде прифатена од владејачките партии. Зошто тие би му обезбедувале цензус на референдумот на ВМРО – ДПМНЕ кој би го загрозил Договорот за пријателство и добрососедство што го потпиша владата на Заев?
Некакви преговори во кои би била вклучена и меѓународната заедница чија идеја би била трампа „избори за референдум“ имаат логика, но засега нема информации за такви разговори, ниту пак има реален страв кај власта од успешен референдум, за да ја прави оваа хипотеза возможна.
Ако воопшто има референдум, по сè изгледа и за тој, како и за претходниот околу Договорот за Преспа, ќе се влезе во наддавања колку гласови се потребни за да биде „политички успешен“, и, според досегашните практики, нема да зачудува доколку двата спротивставени табора изразат задоволство од резултатот и прогласат „победа“.
Бездруго, ако има референдум, тоа дополнително ќе ги продлабочи антагонизмите меѓу луѓето, етикетите и навредите од типот „ предавници“ – „антиевропејци“, доколку тоа е воопшто можно во ова сосема поделено општество, во кое егзистираат два сосема различни света, кои којзнае дали сè уште имаат допирни точки.
(Авторот е долгогодишен новинар и уредник)
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија
Скорешни коментари