Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Изминатиот период видовме стотици изјави од челници на СДСМ и на владата дека е издејствувана преговарачка рамка со чист македонски јазик. Акцентот, бездруго е ставен дека главното прашање во преговорите со Бугарија е зачувување на македонскиот јазик, кој е еден од темелите на македонскиот национален идентитет. ВМРО ДПМНЕ постојано ги критикува Владата и СДСМ дека прават компромиси на штета на македонскиот идентитет и дека за нив како партија македонскиот национален идентитет е најважната работа, околу која не смеат да се прават компромиси, и дека владата недозволиво тргува со идентитетот.

Но, македонскиот јазик не се брани со памфлети, изјави, удирања во гради, и патетични наддавања во лажен патриотизам. Еден од главните столбови на зачувување, негување, промоција и збогатување на јазикот се медиумите, а особено телевизиите. Тука состојбите се катастрофални. Речиси не постои големо спортско натпреварување, за кое македонските граѓани не ги гледаат преносите со коментар на српски или хрватски јазик.

Последниот пример е европското првенство во кошарка кое од прв до последен натпревар го проследивме на српско-хрватски. Во сите нормални држави преносите беа коментирани на домицилниот јазик на државата, и главно на јавните сервиси. Освен Македонија! Титулата ракометен европски првак на плоштад беше прославувана со ракометарите на Вардар, но и белградските коментатори на „Арена“, кои на српски ги коментираа овие историски мечеви за македонскиот спорт!? Срамно е што немаше пренос на македонски јазик, на ниту една телевизија од Македонија.

Често и натпреварите на македонската фудбалска репрезентација ги гледавме на српско-хрватски. Секој спорт, сите големите фудбалски лиги во светот, НБА, бокс, тенис, буквално се што е атрактивно гледаме на српско-хрватски. Па има ли држава во која официјален јазик е македонскиот ? Функционира ли?

Македонските влади, и претходната на ВМРО ДПМНЕ и оваа на СДСМ, во овој домен ја претворија државата во „Република Српска 2“ и не мрднаа со прст за да се спречи оваа национална катастрофа. Освен во јавниот сервис, веќе и не постојат спортски редакции по македонските телевизии. Како резултат на овие политики, целосно се уништи спортското новинарство.

Значи, кога и на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ им е полна устата колку се борат за македонскиот јазик и идентитетот, јасно е дека манипулираат. Затоа што има начин, има законски можности како да се спречи целосното влијание и тоталната доминација на содржините на српско-хрватски во македонскиот етер, ама македонските влади тоа не го сакаат. Истовремено, во дневно-политички цели, постојано се плашат граѓаните од можна асимилација, заради невнимателни договори со соседите!

И уште повеќе: Имам лични искуства како директор на Телма, кога во безмалку невозможни услови, бидејќи нашите закони ги фаворизираат регионалните канали на српско-хрватски јазик, успеавме да обезбедиме ексклузивни права на преносите од европски и светски првенства во ракомет. За да нема недоразбирање ЕКСКЛУЗИВНИ – договорите сè уште постојат: терестријални, кабелски, интернет – буквално сите права. Ама на македонските телекоми, паралелно со преносите на натпреварите на Телма за кои само оваа телевизија ги имаше правата за Македонија, одеа и преноси на истите натпревари на хрватски РТЛ, на РТРС од Република Српска, на некои српски телевизии.

Се разбира ниту една телевизија од Македонија не би се дрзнала да емитува содржина, за која не се регулирани авторските права во друга држава. Тогаш, зошто сите си дозволуваат тоа нам да ни го прават? Во Македонија, како и во сите европски земји, пиратеријата е кривично дело, ама за разлика од сите други европски држави, во Македонија тој закон не функционира во пракса.

За пиратеријата на преносите во ракомет имавме и ексклузивен договор како доказ, и снимки од пиратеријата снимани во присуство на нотар, и целосна правна и емпириска документација, која ја поднесоа до обвинителството искусни адвокати, со беспрекорна процедура, по закон. И, ако стануваше збор за судски систем во нормална европска држава, сето тоа ќе завршеше за пет минути. А по првите неколку пресуди, никој немаше да се дрзнува да пиратира. Но, во Македонија, никогаш не успеавме да добиеме судски спор. Обвинителството едноставно одбиваше да поведе постапки против телекомите, давајќи банални и смешни образложенија зошто не се во можност да поведат постапка. Јасно е, не можат да поведат, кога пола од семејствата на судиите и обвинителите се вработени во телекомите! Кога и посочив на извесна личност од Телеком – чија мајка беше во високите судови, дека е срамота што пиратираат токму за ракометот – ми се насмеа во лице и ми рече: „Тужи, да видиме дали некогаш ќе добиеш спор“.

Истото ни се случуваше и со ексклузивните преноси на бокс мечеви за светска титула во тешка категорија. Од десетина тужби, обвинителството не отвори ниту една постапка. Истата судбина ја доживуваа предметите за еклатантна пиратерија, за кои тужеа други телевизии. Дури и како асоцијација на 5 приватни национални телевизии ММА, во неколку заеднички тужби, не успеавме да ги помрднеме работите. Не само што никогаш не добивме судски спор, туку предметите не ни стасаа до суд! Обвинителството не сакаше да ги процесира. Ете, до толку нема правна држава.

Значи, не само што владите не сакаа да донесат регулатива што ќе го заштити македонскиот јазик во оваа сфера, туку, и кога понекогаш некоја од приватните телевизии ќе обезбедеше некакви права на македонски јазик, владите правеа сè тие авторски права да не бидат заштитени, се фаворизираше грабежот и пиратеријата, додека на крај сите не кренаа раце и не се помирија дека нема правна држава. На владите им е поважно да им течат дивидендите од Телекомите, и да можат да си ги вработуваат роднините и пријателите во АЕК и Телекомите.  Во пракса никогаш не се грижеле за функционирање на правната држава, за заштита авторските права, или за заштита на македонскиот јазик. Тоа им е резервирано за говорите по митинзи, кога со солзи во очите велат дека тоа им е светост!  А таму каде што е мегданот за вистинска одбрана на македонскиот јазик и идентитет, таму се застанати во одбрана на личните интереси, на „ на ти го дај ми го“ политиканството на штета на националниот идентитет.

Можеби ова не е единствената, ама е една од главните причини зошто на македонските телевизии доминираат српски „риалити шоуа“ и турски серии. Пак нека ни зборуваат за правна држава, за ЕУ, за реформи и за грижа за идентитетот. Па нема поголем виц.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија