Неделава во Македонија ќе допатува Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот на САД, кој меѓу другото работи и на справувањето со дезинформациите. Познат новинар, особено како дел од брачниот двоец со Кристијан Аманпур која работи во Си-Ен-Ен, а на јавноста уште попознат како портпарол на американскиот Стејт Департмент во администрацијата на Бил Клинтон од 1997-2000. Исклучително чувствителен и тежок период за работа во односи со јавноста, ако се земе предвид бомбардирањето на НАТО врз тогашна СР.Југославија што го предводеше Америка во 1999 година, кое се случи без одобрение на Советот за безбедност на Обединетите Нации, настан без преседан по Втората Светска Војна. Џејмс Рубин има работено за „двете страни“, и како новинар во потрага по вести, и како претставник на висока институција за односи со јавност. Несомнено е дека знае што се вести, што се лажни вести, како функционира пропагандата. Мисијата е јасна, веќе не се зборува во ракавици, целта е да се пресретне пропагандата на, како што вели Стејт Департментот „злонамерните сили – Кина и Русија“.
Фактот дека се водат хибридни и пропагандни војни, особено на Балканот и во Македонија, е ноторен за сите што се занимаваат со оваа работа. Исто така, повеќе од јасно е дека најдобра одбрана против лажните вести се нивно разоткривање со вистината, и професионална работа на информативните редакции, кои треба да ги проверуваат фактите пред нивното емитување, и кои треба да се држат до принципите на професионалното известување – секогаш двете страни да имаат фер застапеност во сториите, да има баланс, вестите да се во вистински контекст без манипулации, да имаат соодветен бекграунд, и да се држат до вистината. Но, новинарството и продукцијата на вести, одамна ги загубија атрубутите на фер и непристрасност – сè повеќе се форсира „отворено навивачко, па и пропагандистичко новинарство“. Овие процеси најпрвин ги почна десницата, левицата почна да возвраќа со иста мерка, а во „вкрстениот оган на пропагандите“ настрадаа вистината, објективноста и пристојноста.
Процесите почнаа во Америка. Џејмс Рубин, како либерал, добро знае како конзервативците го злоупотребија Првиот амандман со кој се штити правото на слободен говор за да го превртат во блатантна пропаганда. Републиканците беа силно исфрустрирани од стандардите на доброто и објективно новинарство, за кое сметаа дека му оди во прилог на либералниот естаблишмент. За да го урнисаат како стандард, и да промовираат гледиште дека вистината не зависи од фактите, туку од светогледот што ја интерпретира, со која сметаа дека ќе имаат шанса против либералниот естаблишмент, мораше да се елиминира Доктрината за праведност од 1949 г. Со неа американските радиодифузери требаше да осигураат дека спорните прашања се праведно прикажани, дека двете страни во било кој спор имаат пристап до медиумите и дека го претставуваат нивниот случај преку факти. Таа доктрина ја донесе златната ера на новинарството, на огромната доверба во медиумите, на Волтер Липман. Но, Роналд Реган, како заколнат конзервативец направи сè што можеше да ја наполни Федералната комисија за комуникации која ја спроведуваше Доктрината, со „републикански јастреби“ кои работеа против неа, за на крајот во 1987 таа доктрина да биде укината бидејќи наводно ја попречувала слободата на говорот.
Тоа го отвори патот на пропагандни медиуми на национално ниво. Тоа овозможи да се создаде и да емитува Фокс Њуз. Вработените во телевизискиот канал, како и неговиот сопственик Руперт Мардок, неодамна во судски случај отворено признаа дека во 2020-та за време на претседателските избори знаеле дека наводите за фалсификување на претседателските избори се чиста лага, но продолжиле да ја емитуваат, „за да не ги разочарале и да не ги загубеле гледачите“. Без никакви последици! Ова е последниот доказ дека затскриена зад првиот амандман, во Америка со години, а можеби и децении се негува културата на негирање на вистината и на промоција на лагата. Во Велика Британија почна да емитува телевизискиот канал „ГБ Њуз“, пандан на американскиот Фокс њуз, кој делува како разглас на штабот на ториевците. Паралелно со инвестирањето во оваа пропагандна алатка, ториевците удираат со сета сила по Би Би Си, еден од последните бастиони на златниот стандард на објективно информирање. И во САД и во Британија се создава еден систем на вредности, една култура на промоција на лагата, чија цел е зашеметување на публиката на која и е сè потешко да ја препознае вистината во вкрстениот баражен оган на спротивставените пропаганди.
Но, денот кога стана сè релативно, и кога поимот на вистината стана „условна категорија, зависно од идеолошките гледишта“, кога лагата стана неказнета, прифатлива, и заштитена од Првиот амандман, тогаш западната цивилизација почна и да ја губи битката со лажните вести. Во што е подобар Фокс Њуз, и редица други американски канали од руската и кинеската државна телевизија? Подобри ли се дел од американските весници и портали од руска Правда и кинескиот Zhonggguo Jiaoyu Bao, кои се сметаат за гласници на Кремљ, односно, на политбирото на комунистичката партија на Кина? Доналд Трамп направи политичка кариера и влезе во Белата куќа како резултат на дозволената пропаганда и негувањето на културата на негирање на вистината и манипулациите. Веројатно е предоцна за вистината. Културата на лагата ја најави својата доминација преку социјалните медиуми, и како брза метастаза ги зафати и традиционалните.
За да ги етикетирате непријателите како авторитарни во веќе отворената „Нова Студена Војна“ меѓу Вашингтон и ЕУ од една, и Пекинг и Москва од друга страна, вашиот систем треба да е демократски. И тука е сè уште предноста на страната на Западната цивилизација. Но, кога ги обвинувате дека емитуваат лажни вести и дека со тоа прават штета на демократијата, што е факт, но во тоа не сте со ништо подобри од нив, тоа е веќе чисто лицемерие. За да биде ефикасна борбата против лажните вести, пропагандата и културата на релативизациите, со еден збор купишта ѓубре, тоа ѓубре мора прво да го исчистите во сопствениот двор пред да почнете да врескате колку е валкан дворот на соседот. Во спротивно, таа борба ќе биде беспредметна и однапред загубена, во стилот на проповедите на поповите кои мрсат, а ги повикуваат верниците да постат – „Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам.“
(Авторот е долгогодишен новинар и уредник)
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.
Скорешни коментари