Публикација: „Како известуваа медиумите за евроинтеграциите пред и по изборите (анализи)“

 

Публикацијата: „Како известуваа медиумите за евроинтеграциите пред и по изборите (анализи)“, донесува авторски анализи на Слободанка Јовановска – новинарка и уредник за надворешна политика и поранешна дописничка од Брисел, и проф. д-р Сефер Тахири – универзитетски професор по новинарство и јавни комуникации,  истакнати автори со повеќегодишно медиумско искуство, кое вклучува известување, истражување и анализирање поврзано со евроинтеграциите на земјата и на медиумското известување за овие процеси.

Цел на анализите е да ги детектираат главните наративи и квалитетот на медиумското известување за процесот на евроинтеграции пред и по Претседателските и Парламентарните избори што се одржаа во април и мај 2024 година.

Заеднички заклучок на анализите е дека оваа тема беше една од најдоминантните пред изборите и во изборната кампања, главно фокусирана на ставовите „за“ и „против“ уставните измени, кои се услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ. Во оваа конфронтација, којашто ја зголеми поларизацијата и поделбите во општеството по политичка и етничка линија, како поуспешни се покажаа политичките опции, кои ги наметнаа наративите дека уставни измени нема да има, дека тие се „уцена“ и „бугарски диктат“, и дека земјата е жртва на непринципиелни условувања од страна на ЕУ.

По изборите, интензитетот на известување за евроинтеграциите беше далеку помал и се фокусираше главно на одредени настани и пренесување изјави од високи политички функционери, при што во најголем дел од медиумите се забележува известување за аспекти наметнати од политичките актери и отсуство на аналитички и критички пристап – особено за она што беше ветувано на изборите и она што се изјавуваше и правеше потоа. Застојот во евроинтеграциите и отсуството на нови придвижувања резултира и со пораст на евроскептицизмот, како и намален интерес и заситеност и на медиумите, и на граѓаните за оваа тема.

Публикацијата е дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел, и е придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на демократијата и човековите права, преку соработка со институциите, граѓанските организации и медиумите за справување со штетите од поларизацијата, говорот на омраза, дезинформациите и нападите врз критичките мислители во медиумите и јавната комуникација.

Публикацијата може да се симне на следниот линк:

Како известуваа медиумите за евроинтеграциите пред и по изборите (анализи)