ЗНМ реагираше на непримерната комуникација на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан  Мицкоски за време на партискиот митинг пред Владата, во која јавно се омаловажуваат новинари. ЗНМ укажа дека јавното етикетирање на новинари и на медиуми негативно се одразува на слободата на медиумите, И го предупреди Мицкоски дека ги поттикнува партиските симпатизери на говор на омраза: „Вакви јавни наративи директно ги поттикнуваат партиските симпатизери да повикуваат на говор на омраза кон новинари и медиумски работници на социјалните мрежи“, соопшти ЗНМ.

Инаку, ова не е прв пат ЗНМ да го осудува Мицкоски за етикетирање на новинари и медиуми и да ја штити новинарската независност од притисок на политичарите. На пример, само во април и во август. 2019-тата година, има две реакции на новинарското здружение за односот на Мицкоски кон медиумите и новинарите.

Ова не е ништо ново во комуникацијата и односот на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ кон новинарите. Да потсетиме, Груевски додека беше премиер јавно квалификуваше бивши новинари, повикуваше граѓаните да не следат одредени медиуми, а за време на неговиот режим се затворија неколку медиуми, а и новинари. Дали и Мицкоски продолжува по стапките на Груевски во борба против медиумите и слободата на изразување?

(Коментар на ИМА кон реакцијата на ЗНМ за јавното етикетирање новинари од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски)