Во гостување во „Утрински брифинг“ на Слободен печат, претседателот на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Петрит Сарачини истакна дека ситуацијата со присутноста и ефектите на говорот на омраза станува сè потешка и потешка, повознемирувачка и позагрижувачка. Главна причина за тоа е културата на неказнивост во однос на санкционирање на говорот на омраза, кој е одамна кривично дело во нашиот правен систем.

„Пред неколку дена имаше дезинформација дека допрва, тоа е очигледно една страна која често го употребува говорот на омраза – дека сега допрва ќе се казнувал говорот на омраза на социјалните мрежи. Говорот на омраза е кривично дело. Говорот на омраза преку компјутерски систем е кривично дело и одамна е во нашиот Кривичен законик. Тоа што нашите институции ретко кога постапуваат, најчесто, за жал, кога се предмет на омраза и закани политичари или функционери тогаш се постапува, а знаеме за неколку случаи каде дури за 24 часа се наоѓаат сторителите. Но, огромен дел на овој говор на омраза останува неказнет“, посочи Сарачини.

Според него, говорот на омраза поттикнува насилство и се прелева во реалноста, што може да се види низ повеќе практични примери, како последниот немил настан во Собранието, случајот во Битола итн, Не се работи за нешто, што останува само во виртуелниот свет и се заборава, смета Сарачини.

Тој укажа дека соодветното санкционирање, неселективното и конзистентно спроведување на постојните закони ќе придонесе за намалување на говорот на омраза.

„Праксата секаде во светот го потврдува тоа, таму каде што има консолидирани системи, каде има реакција кон говор на омраза, кон ширење на дезинформации, кон сите овие информациски нарушувања“, потенцира Сарачини.