Два порталa, без никакви докази, на почетокот на октомври тврдеа дека руската армија ги уништила украинските тенкови донирани од Македонија.
На 5 октомври 2022, порталот МКД Пресс ЕУ, кој често објавува проруски пропагандни содржини, објави наслов „Вечерва Во Херсон Русите Ги Уништија Тенковите Кои Македонија Ги Донираше На Украина“. Но, во текстот воопшто не се спомнуваат тенкови, туку оклопни транспортери – воени возила БТР-70.
И порталот „Фактор“ на 6.10.2022 првично објави наслов: „Македонските донирани тенкови уништени во Херсон“, кој потоа беше променет во Македонски дониран тенк уништен во Херсон“. Написот е илустриран со фотографија од тенк со македонско знаме. И во овој напис не се споменуваат тенкови, туку оклопни транспортери БТР-70: „Оштетен и уништен во близина на Херсон БТР-70. Според нашите информации, 50 од овие машини се добиени од Северна Македонија и префрлени на групата во Херсон“, пренесе „Фактор“ повикувајќи се на рускиот пропаганден канал „Милитарист“.
Но, како што соопшти Вистиномер, нема докази дека руската армија во Херсон ги уништила токму возилата кои биле донирани од Северна Македонија. „Што се однесува до оклопните транспортери БТР-70, нема никакви информации дали такви возила ѝ се доделени на Украина“, заклучува Вистиномер.
Tука не запреа дезинформациите за донираните тенкови. На 22.10.2022, над 20 написи, повикувајќи се на руската агенција „РИА Новости“, тврдеа дека руската војска уништила цел украински баталјон со македонски и словенечки тенкови.
На пример, мкд.мк објави содржина со наслов: Македонски и словенечки тенкови во пламен: Русите уништиле цел украински баталјон (ВИДЕО). Курир објави наслов: МАКЕДОНСКИТЕ ТЕНКОВИ ВО ПЛАМЕН – руската војска уништила цел украински баталјон со тенкови кои беа донација од нашата земја! (ВИДЕО), а Плусинфо објави наслов: ПУТИН-СЛАВЈАНКА 1:0 Руските сили ги „стопија“ тенковите што ѝ ги испрати Македонија на Украина (+инфо).
Два пати во три недели, се ширеа непоткрепени тврдења дека тенковите донирани на Украина се уништени. Но, дали е возможно истите тенкови да се уништени двапати?
И тврдењата за „тенкови во пламен“ и за уништен „баталјон со тенкови“ не беа поткрепени со факти. На видеото објавено од РИА Новости не се гледа ниту баталјон, ниту бригада, ниту тенкови во пламен, туку две-три уништени оклопни возила, кои не се во пламен.
Во анализата „Како се шири руската пропаганда: По трагите на објавата на руската РИА за наводното „уништување“ на македонски тенкови во Украина“, Цивилмедиа заклучува дека „најмалку што може и треба да се каже за „веста“ на РИА е дека не е верификувана од независни извори“.
Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината, да објавуваат точни, проверени информации, и да ја проверуваат нивната точност колку што е тоа можно. Со објавување на непроверени информации, како „вестите“ за двапати уништените „тенкови во пламен“, повеќе медиуми паднаа на испитот на проверка на фактите.
Скорешни коментари