Трајаноски: Молотови (пропагандни) коктели во Софија и Скопје

Пишува: Жарко Трајаноски

„Велат, еден договор е добар, кога и двете страни се незадоволни, но кога ќе се соочат со обвинувања за национално предавство и со молотови коктели, претпоставувам дека сме отаде таа логика“, укажа Ивајло Дичев во неговата колумна. Иако навидум имаат малку заедничко, обвинувањата за национално предавство и молотовите коктели следат иста пропагандна логика и може да се сведат на исто политичко-пропагандно „поило“. Како и молотовите коктели, и пропагандните коктели од дестабилизирачки дезинформации, антизападна пропаганда и „патриотски“ говор на омраза со жестоки обвинувања за национално предавство – ги имаат препознатливите мириси и вкусови на една добро позната источна империјалистичка кујна.

По падот на прозападната влада во Софија и протерувањето на 70 руски дипломати, сосема очекуван „таргет“ на „активни мерки“ на кујната во Кремљ беше прозападната влада во Скопје. Проруските дестабилизирачки наративи во Скопје последниве месеци беа лика и прилика на дестабилизирачките наративи од времето на политичките кризи од 2015-2018. Со тоа што, наместо „Украинско сценарио“, „Тиранска платформа“ и „кантонизација“ (читај „албанизација“ и „Голема Албанија“), сега се крева медиумско-политичка паника и се втерува страв за губење на македонскиот идентитет и јазик со „Бугарско сценарио“, „бугаризација“ и „Голема Бугарија“.

Молотови пропагандни коктели од дезинформации и говор на омраза се фрлаат кон државни институции. Намерно на протести се скандираат антиалбански слогани, со цел да се потпали меѓуетничка омраза. Молотови пропагандни коктели од дезинформации за македонскиот јазик се фрлаат врз претседателот, премиерот, министерот за внатрешни и за надворешни работи, со цел да се поттикне омраза и да се подрие довербата во главните државни институции. Молотови пропагандни коктели со клетви, пцости и обвинувања за национално предавство се фрлаат врз политички партии и пратеници, со цел да се предизвика политички пожар и да се дестабилизира балканското „буре барут“. Молотовите пропагандни коктели со дезинформации за преговарачката рамка (т.н. „Француски предлог“), проследени со актуелни палења на документот, имаат за цел дополнително подривање на довербата во ЕУ и „Западот“. Молотовите пропагандни коктели со дезинформации, и досега незапаметениот говор на омраза кон претставничката на ЕУ, имаа за цел да ја спинуваат и помрачат нејзината позитивна и проевропска порака на македонски јазик во собранието и на Твитер.

Како што укажа лидерот на ЛДП, на кој беа фрлани „молотови пропагандни коктели“ за време на собраниската расправа, „Собранието стана заложник на екстремистичката пропагандна политика на проруска партија, која застапува интереси на државата Русија и чии високи претставници се чести гости на прослави во Москва“. Молотовите пропагандни коктели од досега незапамтен говор на омраза кон Бугарија, Бугарите и се што е бугарско намерно се фрлаа за да „изгори“ можноста за надминување на бугарското вето, кое најмногу ѝ одговараше на Москва и нејзините интереси на Балканот.

Обиди за кревање идентитетска паника на проруски милитантни портали 

Не е никаква тајна дека главен двигател за политичка мобилизација на двете најголеми проруски партии во Македонија (ВМРО-ДПМНЕ и Левица) е нивното сознание дека мнозинството нивни членови ја претпочитаат илузорната Евроазиска економска унија, како алтернатива на ЕУ. Според едно истражување за крајот на 2021, 56% од членовите на ВМРО-ДПМНЕ и 75% од членовите на Левица, би поддржале членство во Евроазиската унија, предводена од Русија, како алтернатива за членството во ЕУ. Идеолозите на Левица почнаа дури отворено да агитираат дека ЕУ нема да постои во оваа форма до 2025, и дека „Русија ќе контролира голем дел од Источна Европа, ако не и Балканот“.

На порталите на кои доминира руска милитантна пропаганда, најжестоки се обидите за кревање паника за загрозеност на македонскиот идентитет и јазик, како и нападите за „национално предавство“ проследени со говор кој поттикнува омраза (и наплив од коментари кои повикуваат на насилство). На социјалните мрежи е посебно забележително агитирачко фрлање молотови пропагандни коктели од страна проруската армија партиски тролови, препознатливи по антизападните наративи „од името на народот“. Целта на ваквата армија на проруски тролови (кои се појавија како печурки по рускиот дожд кој ја поплави владата во Софија), е да предизвикуваат хаос, недоверба, и тотална дезориентираност кај нивната „таргет“ публика – луѓето кои беа оправдано разочарани од антизападното бугарско вето (поткрепено со „проруски“ наративи) и од антиевропската политика на Бугарија кон Македонија.

Дали прозападната влада во Скопје ќе успее да ги преживее „молотовите (пропагандни) коктели“ од дестабилизирачки дезинформации и „патриотски“ говор на омраза кој жигосува „предавници“ и поттикнува на вербално и физичко насилство?

Одговорот на ова прашање зависи од стекнатиот општествен и институционален имунитет од штетно пропагандно влијание кое настојува да ја дестабилизира и дезориентира Македонија како европска земја која споделува западни вредности.

Од државата најмногу зависи дали ќе се одбрани кога е нападната од молотови и пропагандни коктели со дестабилизирачки дезинформации и говор на омраза.

(Жарко Трајаноски е истражувач во Институт за медиуми и аналитика ИМА)

Извор: Независен весник