Руските дискредитирачки наративи против украинскиот суверенитет

Проектот EuvsDisinfo објави статија за клучните руски дискредитирачки наративи против украинскиот суверенитет, од Ина Полианска.

Во статијата се укажува дека руската традиција на дехуманизирање и предизвикување омраза кон Украинците започнува многу порано од воената агресија врз Украина во 2014: „Откако Украина се стекна со независност во 1991, руската пропагандна машина систематски ја обезвреднуваше, исмеваше, маргинализираше, и создаваше историски митови за неа“.

Полианска идентификува шест наративи на Кремлин кои ја подриваат независноста на Украина и се обидуваат да ја оправдаат воената инвазија врз Украина:

  1. „Украина е пропадната држава („неодржлива“) која никогаш не постоела пред појавата на СССР“.
  2. „Украина не е суверена држава туку „анти-руски проект“ финансиран од Западот за да ја дестабилизира Русија“.
  3. „Украинскиот јазик е вештачки создаден дијалект на рускиот со полски влијанија“.
  4. „Украина е една од најкорумпираните држави во светот па затоа никогаш нема да биде подготвена за членство во ЕУ. Дури и западното оружје се краде овде и се продава на Русија“.
  5. „Украинската влада не е субјект, туку само ги следи инструкциите на западните лидери“.
  6. „Украина ги потиснува правата на населението што зборува руски и нема право да постои како суверена држава; треба да се денацифицира и да се интегрира во Русија“.

За сите шест дискредитирачки наративи, Полианска дава конкретни руски пропагандни примери, ги разобличува, и заклучува: „Сите овие наративи беа систематски користени од Русија во текот на осумте години од руско-украинската војна и продолжуваат да се користат и сега со цел дополнително да се разгори омразата кон Украина и Украинците во руското општество и да се зголеми толеранцијата за војна и насилство. Целта е да се создаде алтернативна реалност во која Русија не е агресорот и не го врши геноцидот врз украинскиот народ, туку е жртвата која се брани од агресијата на Западот.“

Според Полианска, „за да ја оправда инвазијата, Кремљ наместо вистинска Украина создаде карикатурна замена од национални стереотипи и манипулации – па дури и ги принуди Русите да веруваат во неа и да ја прифатат војната со Украина како „неизбежна““.