Пишува: БИЛЈАНА МИХАЈЛОВСКА
Во фокусот на оваа анализа е говорот на омраза, главно на социјалните мрежи, заснован на информациите и дезинформациите продуцирани од одредени медиуми и влијателни поединци во врска со прославата на 119. годишнината од Илинденското востание.
Од страна на повеќе учесници во јавната комуникација што објавуваа постови со пораки кои содржат или поттикнуваат говор на омраза, особено на социјалните мрежи, посебно внимание им беше посветено на личности кои немаат никаква директна врска со организацијата на настанот, или пак имаат сосема маргинална улога во неговата реализација. Таков беше случајот со пејачката Елена Петреска, која беше предмет на експлицитен и имплицитен говор на омраза насочен кон нејзината националност, пол, физички изглед и наводна партиска припадност.
Анализата не претендира да ги опфати сите примери на дезинформации и говор на омраза поврзани со наведениот настан и личност, од едноставна причина што на дневна база беа продуцирани голем број информации од различни медиуми, особено Интернет портали, придружени со хиперпродукција на лични ставови во вид на објави и коментари на социјалните мрежи. За илустрација на проблемот се наведени примери од медиумите, како и примери од социјалните мрежи, кои се карактеристични поради својот екстремен говор, големото внимание од публиката или влијанието на јавната личност што ги продуцирала.
„Републиката во пламен“ од омраза
Годинешното одбележување на 2 Август – Денот на Републиката се случуваше на неколку места во државата, а традиционално најобемна, најспектакуларна и најдолга беше прославата во Крушево. Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ беше отворена на 1. август со свеченост на која, покрај говорот на премиерот Димитар Ковачевски, доминираа музичко – сценски дела од домашни и странски автори, во изведба на домашни музичари и хорот на НУ „Национална опера и балет“ (НОБ). Карактеристична беше визуелизацијата на свеченоста каде доминираа светлосни ефекти во чиј фокус беше грандиозниот споменик Македониум. Oваа година можеби најголемо внимание привлекоа две музички дела изведени на отворањето на илинденската прослава.
Изведбата на дел од „Кармина Бурана“, од некои јавни личности и музички професионалци беше оценета како „претстава за фашистичките вредности“ – оценка која е сосема невообичаена за ова ремек-дело и целосно неточна ако се имаат предвид фактите поврзани со делото и авторот Карл Орф („Карл Орф како од „Али Експрес“: Или, како политичката пропаганда прогласи за нацистичко дело што нема врска со таа идеологија?“).
Втората музичко дело кое предизвика лавина од реакции беше песната „Во борба, во борба“[i] (позната и како „Во борба, македонски народе“, иако оригиналниот наслов е „Песна на македонските партизани“). Пошироката јавност ја знае како песна со текст од четири строфи (вклучувајќи го и рефренот како втора строфа) и покрај тоа што оригинално има пет строфи. На отворањето беше изведена од Хорот на НОБ во аранжман кој ги содржи рефренот, првата и четвртата строфа. За изоставувањето на третата строфа во која се спомнуваат Гоце Делчев и „фашистичка крв“ информираа повеќето медиуми.
Настанот, главно на интернет портали кои важат за проопозициски[ii] беше оценет како „скандал“ и проследен со речиси идентичен текст.[iii] Дел од нив додадоа и идентични реченици за оригиналниот текст на песната кој содржи пет строфи, а разликите се само во насловите кои содржат дополнителни критики како „цензура“, „касапење“, „намерно исфрлање на строфата“, продолжение на „бришењето“ историски настани и личности…[iv]
„ПлусИнфо“ е еден од ретките медиуми кој побара дополнителни информации од најрелевантната институција – НУ „Национална опера и балет“ и доби фотографии од партитурите што ги користел Хорот.[v] Во текстот се објавени и други факти за песната поврзани со авторите на текстот, музиката и аранжманот, како и фотографија од првата испечатена верзија во 1943 година.
Мал дел од медиумите побараа дополнителни информации од Националната опера и балет, а информираа и за реакциите на социјалните мрежи. Иако голем број од нив констатираа дека е изоставена и петтата строфа („И сплотени со вера во победа / Работници, сељани, граѓани / Нов живот Македонците ќе редат / со браќа Власи, Турци, Албанци.“), нивните критики беа насочени исклучиво кон исфрлањето на третата строфа, а како доказ за тоа беа објавувани постари изведби[vi] на песната[vii]. Во објавените изведби е испеана спорната трета строфа, но не и петтата строфа, поради што и тие не може да се сметаат за доказ како изгледа целосна верзија на песната.
Дел од медиумите, пред сѐ, Интернет портали што важат за блиски до опозицијата, направија обид за манипулација на публиката, кој предизвика гнев кон актуелната власт. Се создаваше впечаток дека власта ја уништила илинденската прослава со намерно бришење на значајни истористи личности од популарни патриотски песни, сѐ со цел да се задоволат бугарските барања за промени на односот кон делови од заедничката историја.
При тоа, беа употребени неколку стандардни „алатки“ за дезинформирање и манипулација со факти:
- Беа изнесени погрешни информации кои ниту беа отстранети, ниту беа коригирани. Оригиналниот текст на песната „Во борба, во борба“ има пет строфи, а не четири како што ѝ беше презентирано на јавноста. Ваквото информирање може да е резултат на незнаење на авторите на текстовите, но може и да е намерно изоставување на фактите со цел да се засили основното тврдење – дека власта ги избришала само оние стихови кои би ѝ пречеле на Бугарија.
- Нагласувањето на „бришењето“ на Гоце Делчев со изоставување на третата строфа и површното спомнување (или целосно игнорирање) на фактот дека постои и петта строфа, претставува манипулација со фактите или конструкт, во кој дел од информациите се нагласуваат а дел од нив се испуштаат, со цел да се влијае на засилување на македонското национално чувство во однос на Бугарија, без истото да се „разводни“ со дискусии за чувствата на Власите, Турците и Албанците кои, исто така, би можеле да негодуваат поради нивното наводно „бришење“ со изоставување на петтата строфа од овој аранжман на песната. Всушност, ниту еден медиум или поединец не се занимаваше со најголемата вредност на песната во актуелниот контекст – промоција на меѓуетничкиот соживот.
- Во дел од медиумите беше пренесено појаснувањето од релевантна институција („Националната опера и балет“) и релевантни личности инволвирани во настанот (диригентката Бисера Чадловска и хористката Елена Петреска) дека: песната не е наменски скратена за илинденската прослава; скратување и прилагодување на музичките дела е вообичаена пракса во интерес на времето при вакви манифестации; истиот аранжман Хорот на НОБ го користи повеќе од една деценија во различни прилики и никој не побарал од Хорот какви било интервенции во нивниот настап.
Сепак, дел од медиумите и влијателни поединци решија сите овие информации да ги игнорираат и да продуцираат сопствени неточни информации и дезинформации дека третата строфа од песната е скратена по директно барање на власта (или премиерот Димитар Ковачевски), со цел задоволување на барањата на Бугарија за бришење на одредени историски личности (стихот „над нас на Гоце знамето се вее“) и бришење на улогата на Бугарија во Втората Светска војна (стихот „фашистичка крв насекаде се лее“).
Иако поголем дел од медиумите ја пренесоа изјавата на премиерот Ковачевски во која демантира каква било инволвираност во работата на професионалците од НОБ, дел од нив ја проследија со оценка дека „Ковачевски се правда“ или со оценка од неименувано лице дека изјавата е „без врска“ („НАШ ВРВЕН МУЗИЧАР ЗА ИСКАСАПЕНАТА ‘ВО БОРБА, ВО БОРБА’: Изјавата на Ковачевски е без врска, затоа што аранжман е делот од музичката форма, кој што нема никаква врска со текстот на композицијата!“).
Критиките главно беа поместени во „кликбејт“ наслови, кои најчесто воопшто немаат основа во содржината на текстовите. Ваквите наслови предизвикаа бројни остри и непристојни коментари од јавноста, најчесто на фејсбук профилите на медиумите. И покрај насоките од СЕММ (член 20 од „Насоките за етичко известување на онлајн медиумите“), медиумите и овој пат речиси без исклучок не ги отстранија проблематичните коментари.
Дел од личните ставови и информации за настанот изнесени од пејачката Елена Петреска (на пример, висината на дневницата за хористите) како и други приватни информации за неа, иако сосема ирелевантни за основната тема (скратувањето на песната), беа искористени за лични напади и говор на омраза насочен кон нејзините професионални квалитети, физичкиот изглед и политичка определба.
„Убиј го гласникот“
Ден по изведбата на песната „Во борба, во борба“, освен во медиумите и на Интернет порталите, директна критика беше изразена и во Фејсбук објава на познат музичар, кој на оние што се „безкичмењаци и без тронка достоинство“ им порача дека никогаш нема да ги сменат химната и песните „напишани од маката на народот“, но ќе бидат запамтени како „предавници“ од кои ќе се срамат нивните поколенија.
На ваквата објава реагираше пејачката Елена Петреска, која е вработена во Хорот на НОБ и е еден од изведувачите на песната на прославата на Илинден. Петреска појасни дека никој не го менувал аранжманот на песната, ниту исфрлал строфи, туку дека истата верзија Хорот ја пее најмалку една деценија во различни прилики. Во обид да одговори на обвинувањата од страна на различни следачи на музичарот, меѓу другото, Петреска спомна и дека Хорот не бил потплатен да менува нешто, туку настапувал за вообичаената дневница од 700 денари.
Иако информациите на Петреска се од „прва рака“, презентирани пристојно и без навредлив или напаѓачки дискурс, дури и како одговор на непристојни и навредливи коментари, нејзиното инволвирање во ФБ дискусијата предизвика лавина од коментари на познати и непознати личности во посебни твитови, ФБ објави, коментари на текстови објавени во медиуми и на Интернет портали.
Во коментарите под спомнатата ФБ објава членовите на Хорот беа наречени „велепредавници“, „предавници под диригентска палка на заевизмот“, „робови“, „конформисти“ кои учествуваат во распарчувањето на државата и кои еден ден колективно „ќе се тетовираат“ (алузија на изјавата на Тамара Тодевска дека ќе ги тетовира стиховите на Химната по настапот на кој погрешно ги испеа истите). Покрај нападите како дел од Хорот, дел од инволвираните во дискусијата ѝ се обраќаа лично на Елена Петреска со „северџанка“, „продадена душа“, „ѓубре северџанско фашистичко“ и слични навреди.
Во првата фејсбук објава изнесени се низа омаловажувачки и вулгарни квалификации за пејачката Елена Петреска поврзани со нејзината интелигенција, физичкиот изглед и политичка припадност. И, сето тоа, само затоа што пејачката јавно ги кажала своите размислувања за настан во кој е директен учесник. Оваа објава целосно е цитирана од неколку ФБ фан страни, групи и профили на онлајн медиуми, при што дополнително е „зачинета“ со навреди (стока, изрод) и говор на омраза поврзан со националната припадност на Петреска, со повик за бојкот кон неа и закани дека еден ден ќе ѝ биде судено.
Ваквите квалификации од лицата кои управуваат со Фејсбук профилите се дополнети од страна на нивните читатели со навреди, закани и говор на омраза насочени и кон Петреска и кон Тодевска.
Во втората Фејсбук објавa, како и колумна за „ПлусИнфо“ искритикувано е отстранувањето на третата строфа од песната „Во борба, во борба“ и оценето е дека постапката е „идиотска“ и направена од политички причини, но и дека е „скандал“, „цензура“, „срам“ итн.
Останува нејасно зошто јавни личности, кои се целосно свесни за нивната општествена улога и за нивното влијание врз креирањето на јавното мислење, свесно продуцираат содржини кои дезинформираат и се податливи за говор на омраза. Имајќи предвид дека некои од нив имаат и богато новинарско искуство, сосема е очекувано токму тие својата влијателност да ја искористат за едукација на јавноста, особено поради фактот што и самите често се жртви на говорот на омраза насочен кон нивните политички ставови, но и кон нивниот приватен живот, физички карактеристики и слично.
Речиси идентичен однос кон Елена Петреска имаа и оние твитерџии кои вообичаено ги поддржуваат опозициските партии. Откако Петреска беше наречена евтина „аждаја“, следуваа бројни сексистички коментари и навреди.
„Мажите се (патриоти) од Марс, а жените се (предавнички) од Венера“
Само неколку часа откако дел од македонската јавност ја опсипа пејачката Елена Петреска со безброј лични навреди, а сите нејзини колеги – членови на Хорот на „Националната опера и балет“ ги прогласи за „непрофесионалци“ и „велепредавници“ и побара одговорност за соучесништво во цензурирањето на песната „Во борба, во борба“ и распарчувањето на државата… се појави фотографија на двајца хористи, која предизвика егзалтираност и одобрување кај истиот тој дел од македонската јавност и „враќање на вербата“ во зачувувањето на македонската нација.
Дел од личностите, кои неколку часа претходно ја напаѓаа Елена Петреска, беа воодушевени од нејзините колеги. Некои тврдеа дека покажувањето на трите прсти е протест на хористите затоа што биле „цензурирани“, без тоа да биде поткрепено со факти или изјави од самите нив, што упатува на субјективно толкување на авторот на објавата затоа што од снимките може да се види дека двајцата хористи во текот на настапите на Хорот се однесуваат како и останати нивни колеги – во рацете ги држат папките со партитурите и пеат. Меѓу другото, овие посочени хористи ја пеат и спорната песна „Во борба, во борба“. Исти личности, кои неколку часа порано сите хористи ги прогласија за „велепредавници“, се чини како да заборавија што пишувале, па коментираа дека двајцата хористи се вистински патриоти.
Дневницата од 700 денари послужи за безброј сексистички навреди кон Елена Петреска, но никој не спомна дека и двајцата хористи пееле за истата дневница. Многу брзо се заборави на нападите за непрофесионалноста на сите хористи и на барањата за нивна одговорност затоа што прифатиле да пеат скратена песна. За двајцата хористи беа побарани награди, бенифициран стаж и беа поделени комплименти дека професионално си ја завршиле работата затоа што се вработени во Хорот на НОБ, но нашле начин да го изразат својот револт („Она кога мора професионално да се појавиш на настан, но не сакаш да те вмешаат во театарот на предавниците. Браво момци, Македонци!“).
„Тоа е сѐ, народе“
А што всушност се случи? 1) се одржа традиционална прослава на голем празник, 2) една песна беше изведена во аранжман кој се користи десетина години и е различен од оригиналната верзија напишана пред 80 години, 3) една хористка се обиде да ги појасни дилемите на дел од јавноста во врска со аранжманот и 4) двајца хористи суптилно изразија политички став.
Сите останати (дез)информации дека: 1) се одржала партиска забава, 2) некој цензурирал песна за да ја смени историјата и да ги задоволи барањата на Бугарија, 3) хористка бранела изведба на цензурирана песна од финансиски и политички побуди и 4) двајца хористи се херои и патриоти затоа што им пркоселе на предавниците на националните интереси – се псевдореалност креирана од одредени групи за задоволување на нивните дневно-политички потреби и собирање политички поени.
Без оглед која е крајната цел на тие групи и колкава е нејзината претпоставена општествена вредност, недозволиво е до целта да се стигне со „газење“ врз поединци кои ниту ги генерирале, ниту влијаеле врз настаните што предизвикуваат поделби во јавноста. Пејачката нема да престане да пее затоа што некој ја нарекол „певаљка“, нема да ја смени професијата затоа што некој ја нарекол „ороспија“, нема да престане да биде Македонка затоа што некој ја нарекол „северџанка“, нема да престане да комуницира со колегите затоа што некој решил нив да ги прогласи за „патриоти“, а нејзе да ја прогласи за „предавничка“… Но, за жал, Елена Петревска нема да биде единствената жртва на екстремен говор на омраза, доколку не се вложат многу посилни напори тој да се искорени или да се минимизира во македонската јавна сфера.
(авторката е магистер на комуникации)
—
[i] „Во борба, во борба“, https://www.youtube.com/watch?v=QPpAW6d6ffA
[ii] „Нетпрес“, „Антропол“, „Инфомакс“, „Денешен весник“, „ПресингТВ“, „Република“, „Лидер“, „Скопје1“, „Збор“, „Експрес.МК“, „Весник“, „Вечер“…),
[iii] „Скандал на вечерашното отворање на прославата за Илинден од страна на Владата на Ковачевски. Во текот на изведбата на добро подготвената програма, песната “Во борба, во борба“ беше едноставно искасапена, а од неа беше исфрлена втората строфа после првиот рефрен во која се споменува Гоце Делчев и „фашистичка крв се лее“, што претставува спој на борбата на Илинденците од 1903 година и на партизаните од НОБ кои се борат додека над главите знамето на Гоце се вее…“
[iv] Неколку информативни текстови содржеа и елементи на критика, вклучувајќи и колумна, каква што објави, на пример порталот „ПлусИнфо“ („НИ ЗНАМЕТО НА ГОЦЕ СЕ ВЕЕШЕ, НИ ФАШИСТИЧКА КРВ СЕ ЛЕЕШЕ Се испеа цензурирана верзија на ‘Во борба, македонски народе’”; „ЗНАМЕТО НА ГОЦЕ И ФАШИСТИЧКАТА КРВ МИСТЕРИОЗНО ИСЧЕЗНАТИ Во партитурите на НОБ за песната „Во борба“ спорната строфа – ја нема!“; „Рамката ли ни наложува да се цензурира Гоце Делчев и да се негира фашизмот?“).
[v] Авторот (не е потпишан) на еден од текстовите констатира дека во партитурите навистина ја нема „спорната“ трета строфа. Сепак, неговата констатација ниту ги потврдува, ниту ги демантира искажаните оценки дека постои цензура на песната. Имено, на објавените фотографии се видливи само првата строфа и рефренот, поради што публиката не може да изведе заклучок дали е исфрлена третата строфа (што би значело дека по втората строфа треба да следи и да е видлива четвртата строфа) или едноставно ги нема сите останати строфи.
[vi] „Во борба, македонски народе!“, https://www.youtube.com/watch?v=ibyc83BrWcA
[vii] „Во борба македонски народе / Vo borba makedonski narode“, https://www.youtube.com/watch?v=iDeeg7LGa1Y
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија
Скорешни коментари