На 18.10.2022, во гостување на првиот канал на јавниот сервис, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека македонскиот јазик во ЕУ секогаш ќе има фуснота.

„Секогаш доле ќе стои некоја фуснота, која што фуснота, после некое време, може да стане нешто друго… Ајде, да ја тргнеме таа фуснота, не ни треба во 21-от век, зошто ќе ни е таа фуснота, да ја тргнеме таа декларација, и да заеднички го признаеме македонскиот јазик, дека постои, дека е кодифициран 77-та година…“, изјави Мицкоски.

Но, по потпишувањето на договорот ФРОНТЕКС помеѓу ЕУ и Северна Македонија на 26.10.2022, Урсула фон дер Лејен јасно истакна дека нема никаква фуснота:

„…Ви ветив дека ќе биде потпишан договорот Фронтекс, преведен на македонски јазик, без фуснота, без ѕвездичка, на еднакво рамниште со сите 24 јазици на ЕУ…“, истакна Фон дер Лејен на прес-конференцијата во македонската Влада по потпишувањето на Договорот.

Ден потоа, на 27.10.2022, во изјава за медиумите, Мицкоски повтори дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1977-ма:

…признаен од Обединетите нации, кодифициран 77-та, тој е константа, и мислам дека колку повеќе ја отвараме оваа тема толку е полошо за нашиот идентитет. Тоа е затворено прашање, не треба воопшто никој нити да го отвора, нити да го подотворува.“, изјави Мицкоски.

Но, македонскиот јазик не е кодифициран во 1977 година, како што тврди Мицкоски, туку во 1944-45 година.

И учениците во 9-то одделение, учат дека кодификацијата на македонскиот јазик не се поврзува со 1977 година, туку со 1944 и 1945. На прашањето „Со кои датуми е поврзана кодификацијата на македонскиот јазик?“, се спомнуваат три датуми: Првиот датум е 2 август 1944, кога на Првото заседание на АСНОМ било донесено решение за воведување на народниот македонски јазик како службен јазик. Вториот датум е 5 мај 1945 година, кога е воведена македонската азбука. Третиот датум е 7 јуни 1945 година кога бил усвоен македонскиот правопис.

Накусо, продолжија да се шират невистини за загрозеноста на македонскиот јазик, како за време на дебатата за „францускиот предлог“. Но, договорот ФРОНТЕКС, како и изјавата на Фон дер Лејен, се доказ дека ваквите тврдења се фактички непоткрепени.